АВТОБУСОТ НА СТРУЈА ДНЕВНО ТРОШИ 21 ЕВРО, 6 ПАТИ ПОМАЛКУ ОД ДВОКАТНИТЕ

    АВТОБУСОТ НА СТРУЈА ДНЕВНО ТРОШИ 21 ЕВРО, 6 ПАТИ ПОМАЛКУ ОД ДВОКАТНИТЕАвтобусот на струја ќе вози на линијата 15 во наредните 6 месеци.(Фото: Град Скопје)

    Од денеска на линијата 15 почна да сообраќа автобусот на струја, кој што фирмата „Челиот моторс“ го отстапи на Град Скопје во наредните 6 месеци.

    Автобусот е направен според последните технолошки трендови, троши минимално количество на електрична енергија и е опремен со систем за брзо полнење. За еден ден возење низ Скопје електричниот автобус ќе прави трошок за електрична енергија од 21 евро, што е многу помалку отколку трошоците за дизел гориво на двокатните автобуси кои се 121 евро за еден ден. Еден електричен автобус кој го произведува оваа компанијата чини околу 500.000 евра.

    „Од денеска Скопје се брои во градовите кои користат електрични автобуси. Најголемата предност е што овој автобус има нула емисија на штетни гасови. Станиците за полнење се поставени на последните станици. Во Скопје веќе сообраќаат два автобуси на гас. Ова се одлични можности за нас како Град да се збогатиме со нови искуства кои понатаму ќе ги користиме во планирањето на модернизацијата на јавниот превоз, а не како што беше порано автобусите да се набавуваат според нивниот изглед“, рече градоначалникот Петре Шилегов.

    Како што кажа Шилегов досегашното искуство од користењето на автобусите на гас покажало дека со користење на 30 вакви возила месечната заштеда за гориво е 140.000 евра односно за една година ќе се намалат трошоците на ЈСП „Скопје“ за 1,3 милиони евра.

    „Ќе користиме искуства на различни производителите на различни автобуси со цел врз основа на собраните податоци набавката која ја планираме во втората половина на оваа година биде соодветна и на потребите на граѓаните но и за животната средината“, додаде Шилегов и најави дека уште неколку реномирани светски компании се заинтересирани да се вклучат во овој пилот проект и да донираат на пробно користење нивни еколошки автобуси.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира