АВТОПАТОТ ТЕТОВО-ГОСТИВАР Е ПРИОРИТЕТ, ЌЕ ПОЧНЕ ДА СЕ ГРАДИ ДОГОДИНА, ВЕЛИ МИНИСТЕРОТ БОЧВАРСКИ

    АВТОПАТОТ ТЕТОВО-ГОСТИВАР Е ПРИОРИТЕТ, ЌЕ ПОЧНЕ ДА СЕ ГРАДИ ДОГОДИНА, ВЕЛИ МИНИСТЕРОТ БОЧВАРСКИИзградбата ќе почне откако ќе заврши новата постапка за избор на надзор и консултант за автопатите (Фото: СДК.МК)

    Автопатот Тетово-Гостивар никако да почне да се гради, иако министерот за транспорт и врски Благој Бочварски вели дека е еден од приоритетите на Владата. Бочварски најави дека овој автопат, како и неколку други патни правци, ќе почне да се гради наредната година, откако во меѓувреме ќе заврши новата постапка за избор на надзор и консултант за автопатите, што ќе ги гради конзорциумот „Бехтел”.

    „Имаше распишано постапка за избор на консултантска куќа и надзорен орган, по што беше избрана и компанија за консултантски услуги, но бидејќи таа во дадениот рок не достави банкарска гаранција, постапката беше запрена и е распишана нова. Се работи за делниците Тетово-Гостивар, Гостивар-Кичево и Требениште-Струга-Ќафасан, како и за патот Битола-Прилеп. Ова останува приоритет. Тука сме да ги решиме сите прашања пред почнување на изградбата, за да сме сигурни дека ќе тече непречено и со добра динамика. Автопатот Тетово-Гостивар, како и останатите делници, е приоритет и по завршувањето на постапките ќе се влезе во реализација, реконструкција и проширување на целата оваа делница“, рече Бочварски, кој заедно со министерот за животна средина Насер Нуредини присуствуваше на отворањето на новоизградениот водовод во село Камењане.

    Нуредини најави дека наскоро се очекува да заврши постапката за евалуација на понудата за изградба на долгонајавуваната хидроцентралата „Чебрен“.

    „Изградбата на ‘Чебрен‘ е еден од најбитните инфраструктурни проекти во државата и таа ќе биде батеријата на државата. Имаме уште 50 дена за евалуација на таа понуда, а потоа, во почетокот на ноември, ќе информираме дали сè било во ред со понудата и ќе се потпише договор за изградба“, изјави Нуредини.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира