БАГЕРИТЕ НА ПРАЗНИК ПРОДОЛЖИЈА СО УНИШТУВАЊЕ НА ВОДНО ВЕЛАТ АКТИВИСТИТЕ, ОД МЕР ТВРДАТ ДЕКА СЕ РАБОТИ ОД ПОНЕДЕЛНИКОТ И ФОРМИРАЛЕ РАБОТНИ ГРУПИ

    БАГЕРИТЕ НА ПРАЗНИК ПРОДОЛЖИЈА СО УНИШТУВАЊЕ НА ВОДНО ВЕЛАТ АКТИВИСТИТЕ, ОД МЕР ТВРДАТ ДЕКА СЕ РАБОТИ ОД ПОНЕДЕЛНИКОТ И ФОРМИРАЛЕ РАБОТНИ ГРУПИАктивистка од граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“ денеска седна пред багерите и не им дозволуваше да продолжат со работа (Фото: Фејсбук)

    Багерите на Водно продолжија со градежни работи за изградба на магистралниот гасовод за Тетово и Гостивар. Од граѓанската иницијатива „Го Сакам Водно“ велат дека бегарите без никаква најава денеска, на празник, почнале повторно со копање и уништување на Водно, додека пак од државната компанија Македонски енергетски ресурси (МЕР) тврдат дека градежните работи стартувале во понеделникот, откако била постигната согласност граѓанските активисти да бидат вклучени во работните групи.

    Од „Го сакам Водно“ велат дела уништувањето на Водно продолжува и покрај тоа што им било ветено дека преговорите и консултациите ќе продолжат. Тие за продолжувањето на градежните работи биле информирани од граѓани кои денеска биле на Водно. Активисти од „Го сакам Водно“ попладнево повторно застанаа пред багерите и не им дозволуваа на машините да продолжат со работа.

    „Уништувањето на Водно продолжува и тоа на државен празник. И покрај сите ветувања дека нема да се продолжи со копање на Водно додека траат преговорите и консултациите и се водат постапки преку државните институции, денес на државен празник, подмукло каква што е и целата постапка, повторно се отпочна со работа. Теренот и понатаму не е обезбеден, а нема никаков официјален документ издаден од државна институција за изменетата траса. Официјалните документи ја покажуваат стара траса со 25 метри широчина“, велат од граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“.

    Од МЕР, пак, тврдат дека со градежни работи се почнало во понеделникот.

    „Сакаме да ја информираме јавноста дека по постигнување на согласност со граѓанските активисти кои ќе бидат дел од работните групи за мониторинг на изведбата на целиот проект, од понеделникот 8 октомври, се отпочнати активностите за продолжување на изградбата на Магистрален гасовод Делница 5 Скопје-Тетово-Гостивар кај потегот на Водно и тоа од 25 до 26-от километар од трасата на потегот кон Шишево“, стои во соопштението на МЕР.

    Градежните работи на Водно за изградба на гасоводот беа астопирани на 31 август, по притисокот на граѓанските иницијативи. Тогаш од Владата, Град Скопје и МЕР најавија дека ќе почнат јавни дебати со активистите за наоѓање заедничко решение.

    Минатиот месец беа одржани две јавни дебати, на кои покрај граѓанските иницијативи присуствуваа заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули, градоначалникот на Скопје Петре Шилегов, министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски и директорот на МЕР Бајрам Реџепи. На дебатите, активистите настојуваа да се промени трасата за изградба на гасоводот од другата страна на Водно, а претставниците на власта ги убедуваа дека промена на трасата не може да има и дека тие направиле многу измени во планот за градба со кои се намалува зеленилото кое ќе се сече.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира