БАРОКНАТА КАТНА ГАРАЖА ВО ПАРК ЌЕ СТАНЕ СПОРТСКА САЛА САМО АКО СЕ СМЕНИ ПРАВИЛНИКОТ ЗА УРБАНИСТИЧКО ПЛАНИРАЊЕ

    БАРОКНАТА КАТНА ГАРАЖА ВО ПАРК ЌЕ СТАНЕ СПОРТСКА САЛА САМО АКО СЕ СМЕНИ ПРАВИЛНИКОТ ЗА УРБАНИСТИЧКО ПЛАНИРАЊЕИако планот не е усвоен, градоначалникот Жерновски на 16 јуни објави конкурс за изработка на идејно решение за повеќенаменска спортска сала „Градски Парк“, а минатата недела, со објаснување дека имало голем интерес за конкурсот, го продолжи рокот до први септември (Фото: СДК.МК)

     

    Има две пречки поради кои доцни јавната анкета за нацрт- планот за скопскиот Градски парк со кој се брише барокната катна гаража, а на нејзино место се предвидува повеќенаменска спортска сала за КК „Работнички“.  Градоначалникот на Општина Центар Андреј Жерновски најави дека планот ќе биде ставен на јавна анкета за да може сите заинтересирани да дадат забелешки, но во тек е трета недела по најавата, а планот не е изложен.

    Бисера Јакимовска, раководителка на Секторот за урбанизам во Општина Центар вели дека нацрт- планот е изготвен, но и последната верзија ќе треба да претрпи измени.

    „Ова е повторена анкета за планот ’Централно зеленило покрај река Вардар – јужен дел’ и нацртот е веќе подготвен, но му сугерирав на градоначалникот да ја одложиме јавната анкета оти се појавија нови моменти. Дел од овој план е градбата од посебен интерес на местото на сегашните бараки во кои е сместен Град Скопје, а во меѓувреме Уставниот суд ги укина градбите од посебен интерес. Тоа е една пречка, другата е Правилникот по кој работиме во подготовка на плановите, според кој не може да се менува намената на парцели кои се впишани како катна гаража, јавно паркиралиште и зеленило. За да предвидиме повеќенаменска спортска сала на местото на катната гаража до стадионот, мора да се смени Правилникот“, вели Јакимовска.

    Според важечкиот план „Централно зеленило покрај река Вардар – јужен дел“, за парцелите околу стадионот стои катна гаража (на сликава со сина боја), а јавноста му забележа на градоначалникот на Центар Андреј Жерновски дека постапува како поранешниот премиер Никола Груевски, во чие време прво се градеше, а потоа се правеа измени на плановите (Фото: факсимил од урбанистичкиот план „Централно зеленило покрај река Вардар – јужен дел“)

    Таа смета дека треба да се одлучи како ќе се постапува со градбата од посебен интерес на местото на градските бараки и да се смени Правиникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, па дури тогаш планот да се даде на јавна анкета. Во спротивно, за истиот план Општината ќе мора да прави нова јавна анкета кога ќе се одлучи каква градба ќе има на местото на Град Скопје, а без измена на Правилникот не е возможно бришење на катната гаража до стадионот.

    За парцелата во сопственост на БАУЕР БГ (фирма која ги доби тендерите за голем дел од објектите СК 2014) беше предвидена катна гаража од 29 метри висина, а според важечкиот ДУП објавен на страната на Општина Центар Парк.

    Градоначалникот Андреј Жерновски најави дека ќе бара средба со министерот за транспорт и врски Горан Сугарески за да најдат решение за надминување на пречките.

    Градоначалникот и министерот треба да го решат и проблемот со сопственоста на парцелата до стадионот предвидена за барокна катна гаража.

    Оваа парцела да се врати во сопственост на Општина Центар, минатата недела од министерот побара и директорот на ЈП„Паркинзи Општина Центар“ Саша Богдановиќ како најголем помагач на КК„Работнички“.

    Од Министерството нема одговор на барањето.

    Иако планот не е усвоен, градоначалникот Жерновски на 16 јуни објави конкурс за изработка на идејно решение за повеќенаменска спортска сала „Градски Парк“. Минатата недела, со објаснување дека имало голем интерес за конкурсот, градоначалникот Жерновски го продолжи рокот за изработка на идејното решение до први септември.

    Спортската сала треба да има капацитет од 3.000 гледачи и да биде проектирана како повеќенаменска односно во неа да може да се одржуваат тренинзи и натпревари за кошарка, ракомет, одбојка, мал фудбал, боречки вештини и тенис. Новата сала, според најавата на градоначалникот Жерновски, треба да се гради на местото на сегашната сала но да се прошири и на парцелата на барокната катна гаража, предвидена во сѐ уште актуелниот план „Централно зеленило покрај река Вардар – јужен дел“.

    Здружението „Во одбрана на Дебар Маало“ го праша Жерновски дали е изготвено сообраќајно решение со кое се утврдува одржливост на објектот во кој е вклучена гаражата и побара тој да го објави сообраќајното решение заради увид дека постоечката сообраќајна инфраструктура може да го издржи предвидениот нов сообраќај. Одговор од Општина Центар за ова се уште нема.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира