БЕСПЛАТНИ АВТОБУСИ ДО СРЕДНО ВОДНО ОД СЛЕДНИОТ ВИКЕНД И БЕСПЛАТЕН ПАРКИНГ НА ПОЧЕТНИТЕ СТАНИЦИ

    БЕСПЛАТНИ АВТОБУСИ ДО СРЕДНО ВОДНО ОД СЛЕДНИОТ ВИКЕНД И БЕСПЛАТЕН ПАРКИНГ НА ПОЧЕТНИТЕ СТАНИЦИЛиниите 25, 25А и 25Б бесплатно ќе возат од наредниот викенд кога ќе почне да се применува забраната за движење на возила до Средно Водно. - Сообраќаен метеж на патот до Средно Водно (Фото:Фејсбук)

    Бесплатно ќе биде возењето преку викенд и за државни празници во автобусите ЈСП „Скопје“ до Средно Водно. Бесплатно за граѓаните ќе биде и паркирањето во катната гаража „Македонска фаланга“ и на паркингот кај поранешна „Нова Македонија“, од каде ќе тргнуваат двете нови автобуски линии кои ќе возат до Водно.

    Оваа мерка ќе стартува од наредниот викенд кога ќе почне да се применува забраната за движење на возила до Средно Водно.

    Град Скопје оваа одлука ја носи како една од краткорочни мерки за намалување на загадувањето на воздухот и заштита на парк шумата Водно. Одлуката треба да се усвои на утрешната седница на Советот на Град Скопје.

    „Заради обезбедување услови паркот Водно да стане подостапен за граѓаните уживаат во природата, а не сакаат да пешачат или да возат велосипед, Град Скопје, со оваа одлука  воведува бесплатен превоз на патници на автобуска линија 25, како и за пробните линии 25А и 25Б за време на викенд и државен празник. Потребата за воведување на бесплатен превоз на претходно посочените линии е инициран од Град Скопје, а истото е предложено од огромен број на граѓани кои редовно го користат јавниот превоз како превозно средство за превоз до Средно Водно, пред сè од еколошки аспект и ставање во контролирано и регулиурано движење. Истовремено, со оваа одлука се предвидува и бесплатно паркирање во катната гаража ‘Македонска фаланга’ и паркингот ‘Дом на печат’.Се проценува дека на овој начин граѓаните ќе ги остават своите приватни возила и се повеќе ќе бидат мотивирани да го користат јавниот автобуски превоз за време на викенди и државни празници“, се вели во образложението на градоначалникот Петре Шилегов.

    Со одлуката се предвидува бесплатен автобуски превоз и во деновите кога има високо загадување во градот.

    Средствата за спроведување на оваа мерка на ЈСП „Скопје“ и ЈП „Градски паркинг“ ќе им бидат надоместени од буџетот на Градот.

    А. АНТЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира