Необработен медицински отпад се депонирал на депонијата Дрисла. Фирма која е регистрирана во Битола, без термички да го обработи и стерилизира во погонот во Металски Завод Тито, со камиони го транспортирала во депонијата „Дрисла“. Неофицијално, станува збор за фирмата „Еко клуб“, која има добиено А интегрирана дозвола и надлежен за контрола на нејзиното работење е Државниот инспекторат за животна средина
Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов денеска на прес-конференција кажа дека овој случај го откриле пред 50 дена, го пријавиле во Јавното обвинителство, но до сега не е постапено.
„Преку 50 дена Град Скопје чека била какво дејствие од Јавното обвинителство, но засега немаме информации дали нешто е преземено и започната истрага. Напротив, се случува да се покрива со документација на друга надлежна институција. Барам Јавното обвинителство да започне со истрага, а Министерството за животна средина во целост да го испита работењето на сите субјекти кои се под негова надлежност и што имаат дозволи за работа со медицински отпад“, рече градоначалникот Петре Шилегов.
На снимките и фотографиите кои ги направиле инспектори од Град Скопје во погонот за преработка на медицински отпад се гледа дека тој не се преработува. Шприцеви, игли, крвави гази и друг медицински отпад е во контакт со кучиња скитници, потоа се префрла во камион за транспорт, незаштитен во посебни ќеси како што е постапката за депонирање на ваков вид отпад. Притоа од камионот се цеди крв.
„Откако ние ја преземавме депонијата ‘Дрисла’ од 20 јануари годинава, несоодветно обработен и доставен медицински отпад не е донесен. Како било постапувано пред тоа немам податоци, тоа треба да го покаже истрагата“, вели Шилегов.
А. АНТЕВСКА