БЕЗ НАЈАВА, ЦЕЛОСНО ЗАТВОРЕН МОСТОТ НА РЕКАТА ПЧИЊА НА ПАТОТ КУМАНОВО-СВЕТИ НИКОЛЕ, КОЈ ЕДНА ГОДИНА СЕ РЕКОНСТРУИРА

    БЕЗ НАЈАВА, ЦЕЛОСНО ЗАТВОРЕН МОСТОТ НА РЕКАТА ПЧИЊА НА ПАТОТ КУМАНОВО-СВЕТИ НИКОЛЕ, КОЈ ЕДНА ГОДИНА СЕ РЕКОНСТРУИРАМостот ќе биде затворен во наредните 100 дена (Фото: СДК.МК)

    Од вчера попладне, целосно е затворен за сообраќај мостот на реката Пчиња во селото Доброшане на регионалниот пат Куманово-Свети Николе, кој веќе една година се реконструира. На коловозот е поставена светлосна сигнализација за забрана за движење, а на двете страни на мостот е истурена ризла која ги спречува возилата да поминуваат.

    Забраната за движење во наредните 100 дена вчера ја објави АМСМ, без претходна најава од надлежните која е причината.

    „‘Синтек инженеринг‘ известува дека поради санациски работи, мостот на реката Пчиња во Доброшане во наредните 100 дена ќе биде затворен за сообраќај. Се поставува сигнализација која ќе го регулира сообраќајот од и кон Куманово“, беше објавено на сајтот на АМСМ.

    Граѓаните кои ги сретнавме на мостот кажуваат дека сообраќајот е прекинат вчера околу 14 часот, по што возилата од двете страни се враќаат назад или го користат селскиот пат кој поминува под мостот и преку селото Шупли Камен излегува на магистралниот пат. Тие се жалат дека патот е многу ископан и по него можат да се движат само џипови. Не е обележан и нема поставено табли каде се вклучувањето и исклучувањето, па ретко кој знае дека може да го користи.

    На патот е поставена светлосна сигнализација за забрана за движење (Фото: СДК.МК)

    Револтирани се и жителите од околните села бидејќи немаат друг пристап до дома. Проблеми при враќање од работа вчера имале и вработените во затворот К`шње, кои комбето ги оставило пред мостот, па откако го поминале пешки, продолжиле со автомобили.

    Која е причината за затворањето на мостот, никој не знае. Санацијата на Искрин мост започна минатата година, а надлежните најавија дека рокот за завршување на целата интервенција е 24 месеци, до јуни 2022. Овој мост е еден од најдолгите во државата со должина од 335 метри, а Јавното претпријатие за државни патишта обезбеди околу два милиона евра за негова реконструкција.

    Мостот е изграден пред 50 години и оттогаш не е поправан, ниту реконструиран, па се наоѓаше во очајна состојба.

    С. НИКОЛИЌ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира