БЕЗДОМНИК ЗГРИЖУВА БЕЗДОМНИ ДЕЦА ВО ШТИП

БЕЗДОМНИК ЗГРИЖУВА БЕЗДОМНИ ДЕЦА ВО ШТИПШтипјанецот Мики Трајчевски-Петковиќ Талка по улиците и маркетите за да добие некоја милостина и ја споделува со запуштените деца кои потекнуваат од сиромашни и многудетни семејства (Фото: СДК.МК)

Штипјанецот Мики Трајчевски-Петковиќ повеќе од три децении води бездомнички живот. Бездомништвото му влегло под кожа и, како што вели, повеќе не може да се отргне од таков живот. Но, неговата хуманост го тера да помага и на други луѓе кои се сиромашни и немаат од што да живеат.

„Јас талкам по штипските улици, но не можам да гледам како мали деца талкаат гладни и изнемоштени. Порано не просев, сега почнав, но не за мене туку да им купам парче леб и малку сирење на децата чии семејства се сиромашни, а децата запуштени. Така, во последно време му помагам на деветгодишно дете чие семејство е многу сиромашно. Неговите родители имаат пет деца. Најмалите имаат една и две години, па поголемите се оставени сами на себе да го живеат животот“, вели Мики.

Порано се греев со весници. Носев цели вреќи. Прво сите ќе ги прочитам до крај, а потоа ги палев и се греев. Но, сега весници нема. Спас ми и кожувчето што го најдов во контејнер, вели Мики Трајчевски-Петковиќ кој повеќе од три децении е бездомник (Фото: СДК.МК)

Тој е роден во Пожаревац. Татко му бил пилот, но уште кога бил дете останал без него. Тоа се случило по еден пробен лет кога повеќе не се вратил, иако бил искусен и добар пилот. Подоцна семејството немало никакви информации за тоа што и како се случило, едноставно исчезнал. Со мајка му се преселиле во Македонија. Првите години живееле во Кочани, а потоа во Штип. Уште како основец останал и без мајка му која починала. Зад себе оставила три деца, ќерка и два сина. Едниот син имал трајни здравствени проблеми, а ќерката се пропила. Мики учел средно техничко училиште и истовремено барал живеалиште. Општината уште пред 15 години им обезбедила некаков стан, но Мики многу брзо го напуштил затоа што условите за живот со сродството биле неподносливи.

„Сега барам некое пристојно сместување за мене, а дотогаш ноќите ги поминувам во напуштени куќи без врати и прозорци во приградските населби кај Штип и во напуштени бараки. Со доаѓањето на пролетта малку полесно се живее, но во другите периоди е многу тешко затоа што немам никакво затоплување. Порано се греев со весници. Носев цели вреќи. Прво сите ќе ги прочитам до крај, а потоа ги палев и се греев. Но, сега весници нема. Спас ми и кожувчето што го најдов во контејнер“ вели Трајчевски, познат меѓу штипјани како Мики Ли оти многу сакал карате како спорт, импресиониран од филмовите со Брус Ли.

Како што вели, најдобро знае што значи рано да се остане без родители и без нивната грижа и помош. Затоа се определил да им помага на сите што се како него, сами и сиромашни. Бара покрив над главата и за него, но не наишол на поддршка. Вели дека нема никакви принадлежности ниту од Центарот за социјални работи. Од Центарот ни рекоа дека тој нема социјална помош затоа што има инвалидска пензија. Но, од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување велат дека Мики нема пензија, туку некаков инвалидски надомест добива само брат му кој има трајна здравствена попреченост. И Мики негира дека прима пензија или некаква парична помош.

„Тврдам дека немам ниту инвалидска пензија, ниту имам некаков социјален надомест. Досега пратив дваесетина писма до општинските власти со барање да ми се реши станбеното прашање, но ниту е решено, ниту сум добил одговор“, вели Мики.

Тој кажува дека кога го завршил средното образование добил понуда од една фирма да биде короспендент бидејќи знае неколку светски јазици, но ја одбил оти услов бил да ја избричи брадата.

„Им реков дека тоа може да го стори само севишниот Бог. Зимно време кров над главата ми се напуштените куќи полни со глувци и празните бараки и шупи покрај реката Брегалница или хангарите на Спортскиот аеродром ‘Сушево’ кај Три Чешми. Летно време околината на Штип е моја и кров над главата ми е небото. Додека се гледа нешто читам , кога се стемнува лежејќи го гледам непрегледниот универзум. Верувам дека луѓето се милостиви, кога без да и побарам нешто тие подаруваат некој денар, парче леб или грутка сирење што јас ги споделувам со оние кои имаат сличен живот како мене“, вели Мики.

Т. ЈОВАНОВСКИ

 

 

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Коментари