БИРАМЕ ЖИВОТ, А НЕ БАВНА СМРТ – КУМАНОВЦИ ПРОТЕСТИРАА ПРОТИВ АЕРОЗАГАДУВАЊЕТО

    БИРАМЕ ЖИВОТ, А НЕ БАВНА СМРТ – КУМАНОВЦИ ПРОТЕСТИРАА ПРОТИВ АЕРОЗАГАДУВАЊЕТООд протестот беа предложени низа краткорочни и долгорочни мерки (Фото: СДК.МК)

    Стотина граѓани, организирани од граѓанската иницијатива „Македонија се гуши“, денеска во пет до 12 протестираа во центарот на Куманово против екстремното загадување на воздухот. Тие ја обвинија локалната и централната власт дека со години не презема ништо за да се справат со аерозагадувањето, кое им создава сериозни здравствени проблеми на граѓаните.

    Куманово во последните месеци е еден од најзагадените градови во светот, со 10 пати поголема концентрација на ПМ 10 честички од дозволеното.

    „Ова е граѓански крик, ова е повик за спас. Креваме глас поради алармантната состојба со аерозагадувањето во Куманово, за да нѐ чујат надлежните – градските власти и градоначалникот. Бараме да не се игнорира овој сериозен проблем, бидејќи децата ни дишат отров. Биравме политичари кои нудеа решенија за чист воздух во својата програма и сега бараме и очекуваме конкретни и брзи решенија од нив. Бираме живот, а не бавна смрт. Човечкиот организам може да издржи без храна 30 дена, без вода три дена, но без воздух само пет минути. Ќе ги чекаме ли последните пет минути да најдеме решение“, изјави Фросина Георгиевска, активистка на „Македонија се гуши“.

    Таа додаде дека аерозагадувењето е главната причина за порастот на ракот на белите дробови кај кумановци. Поради тоа, до Општината предложи краткорочни мерки, како што се: рестриктивно движење на автомобили во централното градско подрачје, бесплатен јавен превоз во зимските месеци, ваучери за купување велосипеди, субвенционирање за греење на палети и друго.

    Од протестот беа предложени и долгорочни мерки: најмалку пет отсто од буџетот на Општината да се инвестираат во чиста животна средина, да се интензивира гасификацијата, да се создадат нови зелени површини, масовно пошумување, градски превоз на метан и решавање на проблемите во урбанистичкиот хаос.

    Предложените мерки ќе бидат доставени до градоначалникот и Советот на Општина Куманово. Најголем дел од граѓаните кои протестираа беа партиски активисти на опозицијата.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира