Герила акција насловена „Битола чека…“ организираше утрово пред зградата на Општина Битола независната граѓанска иницијатива „Поинаку“, во пресрет на денешната седница на Советот на Општина Битола (13 ноември 2026), на која треба да се разгледуваат развојните програми за периодот 2027–2029 година.
Активистите во 7 часот пред Општината поставија бели столчиња, на кои прикачија хартија со називи на проекти за кои велат дека биле ветени, но сè уште не се реализирани. Меѓу нив се спортски комплекс, затворен базен, „Град на млади“, водовод во Бистрица, градинки, нови булевари, ново училиште во Буковски Ливади, нова Пожарна и катни гаражи. Над столчињата стоеше транспарент „Битола чека…“.
„Ова се ветувања кои Битола ги чека 35 години. Битола 35 години чека подобар живот. Ѝ се ветуваат затворен базен, нов спортски комплекс, нормални улици, чист воздух, зелена Битола. Во 21 век немаме функционален јавен превоз, немаме катни гаражи, улици без дупки, градинки, нови училишта. Битола е лажена 35 години. Ова го правиме во пресрет на седницата на која се носи развојната програма, која буквално е тури-претури. Секоја година проектите се поттурнуваат за следната. Капитален проект немаме видено со години. На ваков начин реагираме затоа што во моментов власта има апсолутно мнозинство на локално и централно ниво и ги игнорира барањата на граѓаните. Тоа се покажа и со неповикувањето вонредна седница за најгорливото прашање за битолчани ‘Алта банка‘“, изјави Габриела Илиевска од „Поинаку“ за САКАМДАКАЖАМ.МК.
Активистите велат дека кон крајот на герила-акцијата забележале како пристигнуваат припадници на МВР. „Дали беа повикани од некого или самостојно излегоа на терен, не знаеме“, велат од „Поинаку“.
Побаравме став и од Општина Битола. Оттаму одговорија дека резултатите не се постигнуваат со поставување столчиња, туку со континуирана работа, додавајќи дека градот се гради и дека тоа го потврдуваат реализираните проекти.
„Додека столчињата се поставуваат за неколку минути и се наменети за седење, градот се гради со секојдневна работа токму на проектите чии називи утрово осамнаа залепени на белите столчиња, но на нив недостасуваше статусот на проектите. За јавноста да биде во тек со информациите и вистината, Општина Битола неодамна објави отчет за сработеното во изминатата година“, одговорија од Општината.
Во однос на проектите за кои беше упатена критика, од Општината посочуваат дека дел се завршени, други се во тек, а за некои се обезбедува потребната документација.
Подетално, соопштија дека градинката „Пчеличка“ веќе згрижува деца, завршена е изградбата на градинката кај ОУ „Св. Климент Охридски“, додека интензивно се работи на објектот кај касарната. Реконструкцијата на училиштето во Буковски Ливади е во тек, а со развојната програма е предвидена реконструкција на градинката „Росица“. Ќе се реконструира и ОУ „Даме Груев“. Во изградба е и новата Пожарна. На влезот во градот од правец на Прилеп се изведуваат градежни работи, вклучувајќи подземна инфраструктура, коловози, тротоари и велосипедски патеки. Инфраструктурни зафати се реализирани и на дел од влезот од Охрид, кај улицата Довлеџик.
Во делот на спортската инфраструктура, од Општината велат дека се изградени нови спортски игралишта и дека се работи на четири нови училишни спортски сали. За спортскиот комплекс, деталниот урбанистички план е доставен на одобрување до Министерството за транспорт, а паралелно се изработува урбанистички проект.
За катните гаражи е во тек усогласување на урбанистичката документација, додека активностите за затворениот базен, според Општината, се финализирани. Во однос на ветувањето „Град на млади“, оттаму посочуваат дека Битола го добила признанието „Младински пријателски град“.
„Граѓаните со право бараат проектите да бидат завршени и ставени во функција, а за нивната реализација одговараме ние. Одговорноста пред јавноста значи и да се признае она што е направено и она што се гради. Претставувањето активни градилишта како заборавени ветувања создава погрешна слика за градот и го потценува правото на граѓаните да бидат точно информирани“, одговорија од Општина Битола.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



