БИТОЛА И ИЗРАЕЛСКАТА ОПШТИНА КИРЈАТ ОНО ПОСАДИЈА ДРВЈА ВО СПОМЕН НА 78-ГОДИШНИНАТА ОД ДЕПОРТАЦИЈАТА НА ЕВРЕИТЕ ВО ТРЕБЛИНКА

    БИТОЛА И ИЗРАЕЛСКАТА ОПШТИНА КИРЈАТ ОНО ПОСАДИЈА ДРВЈА ВО СПОМЕН НА 78-ГОДИШНИНАТА ОД ДЕПОРТАЦИЈАТА НА ЕВРЕИТЕ ВО ТРЕБЛИНКАДвете општини преку интеренет врска организираа заедничко одбележување на 78-годишнината од депортацијата на битолските Евреи во нацистичкиот логор Треблинка. (Фото: СДК.МК)

    Преку интернет врска, Битола од македонска страна и израелската општина Кирјат Оно организираа заедничко одбележување на 78-годишнината од депортацијата на битолските Евреи во нацистичкиот логор Треблинка. Поради пандемијата со ковид-19, за првпат по многу години денес во Битола не присуствуваа гости од Израел. Но затоа во двете општини се изведуваа активности во спомен на 798 семејства со 3.351 битолски Евреи кои на денешен ден беа депортирани во концентрациониот логор Треблинка од пронацистичката бугарска окупаторска власт.

    Градоначаниците Наташа Петровска во Битола, a Израел Гал во Кирјат Оно посадија дрвца. Во Израел се приклучија и израелскиот амбасадор од Македонија Дан Ориан и македонскиот во Израел Александар Аврамовски, како и нивни колеги од Босна, Албанија, Србија и Косово.

    „Поради пандемијата не бевме во можност да одиме во Битола и да маршираме заедно за депортираните Евреи кои на ниво на држава над 7.000 беа збришани. Сепак, се обидуваме да најдеме други работи за да ја загарантираме меморијата. Градовите Битола и Кирјан Оно во иднина ќе бидат, што би се рекло, близнаци градови-партнери, се надевам дека двајцата градоначалници в година ќе бидат на маршот во Битола“, рече израелскиот амбасадор Дан Ориан.

    Градоначалникот на Кирјат Оно за да се зацврсти соработката меѓу двата града и двата народа, а штом помине пандемијата, покани во посета битолски студенти, бизнисмени, професори.

    „Ние со денешното засадување на дрвца, засадуваме надеж, за да ги засилиме врските на нациите и спомените за цела заедница. Денес креираме пријателство. По пандемијата со ковид-19, кога ќе бидеме во можност да патуваме и да се сретнеме, ќе организираме во нашиот град да доаѓаат студенти од Битола, ученици, младина и биснимени, едукатори“, рече градоначалниот Гал.

    Во Битола дрвцата беа засадени кај споменикот на Естреја Овадија-Мара, Еврејка од Битола која загина во партизани, прогласена за народен херој, а нејзиното име го носи и улица во Израел. Кон одбележувањето се приклучија и ЈП Комуналец и Домот за народно здравје „Хаим Абраванел“, чии први луѓе засадија јапонски цреши. Се положи и цвеќе пред спомен-обележјата во Битола.

    „Со акцијата на засадување дрвца ќе покажеме дека тие се симбол на сѐ она што останува живо во нас , а тоа е големата желба да направиме нешто повеќе во иднината, но и да не заборавиме што им се случило на нашите сограѓани и злото повеќе да не се повтори“, рече градоначалничката Петровска.

    На 10 декември лани, Еврејска заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија јавно ја повикаа владата на Бугарија или државните официјални избрани политички авторитети – премиер, претседател, претседател на парламент – да се соочат со вистината за холокаустот врз Евреите во окупираните територии во Втората светска војна, за која пронацистичката влада во Царството Бугарија од тоа време е директно одговорна, и да се извинат и да ја прифатат одговорноста.

    „За време на Втората светска војна територијата на денешна Република Македонија, на која живееле околу 8.000 Евреи, е под директна окупација на Царството Бугарија и Италија, кои се сојузници во оската. Еврејското население кое живее во Македонија за време на Втората светска војна се наоѓа под бугарска окупација. Бугарските пронацистички окупаторски власти веднаш го спроведуваат врз Евреите антисемитскиот Закон за заштита на нацијата со кој на Евреите им се ускратуваат сите граѓански права, се дехуманизираат, се воведува Законот за еднократен данок на имот, со кој се ‘легално’ ограбени, се задложуваат сите Евреи да носат Давидова ѕвезда, еврејските куќи се обележани, дуќаните затворени, бизнисите и парите конфискувани“, кажаа од Заедницата и Фондот во заедничкото соопштение.

    „Бугарската пронацистичка власт, на чело со Богдан Филов и цар Борис Трети, дава согласност за потпишување договор за иселување (депортација) на Евреите од окупираните територии од страна на Бугарија, но и од самата Бугарија. На 22 февруари 1943 година Александар Белев, комесар за Еврејските прашања и Теодор Данекер, претставник на нацистичка Германија го потпишуваат Договорот за најпрво иселување на 20.000 Евреи од окупираните територии и од самата Бугарија. Согласно со овој Договор, на 11 март 1943 година бугарската пронацистичка војска и полицијата насилно ги собираат Евреите од нивните домови во Скопје, Битола, Штип… и ги транспортираат во привремениот логор, кој служел како транзитен логор, во Тутунскиот комбинат во Скопје – Монопол. Оттаму 7.144 Евреи, или 98% од вкупното еврејско население од тоа време, во три одделни транспорти, 22-ти, 25-ти и 29-ти март 1943 година, организирани од бугарските окупаторски власти, Комесаријатот за Еврејските прашања и со логистика на бугарската железница се депортирани и предадени на нацистите во центар от за убивање Треблинка. Никој од депортираните Евреи не се врати жив“, кажаа тие.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира