БИТОЛА НЕ МОЖЕ ДА ГО ВИДИ СОНЦЕТО ОД ЗАГАДЕНИОТ ЦРН И ЖОЛТ ВОЗДУХ, РЕЧЕ ЕВРОАМБАСАДОРОТ ГИР

    БИТОЛА НЕ МОЖЕ ДА ГО ВИДИ СОНЦЕТО ОД ЗАГАДЕНИОТ ЦРН И ЖОЛТ ВОЗДУХ, РЕЧЕ ЕВРОАМБАСАДОРОТ ГИРГир му подари на Коњановски сончева тегла, која од сончеви зраци произведува струја (Фото: СДК.МК)

    Овој прекрасен град на овој прекрасен сончев ден не може да го види сонцето зашто кога се доаѓа кон Битола од самиот рид се гледа црн и жолт воздух кој покажува голема загаденост, рече евроамбасадорот Дејвид Гир при денешната посета на Битола. Тој се сретна со градоначалникот Тони Коњановски, при што разговарале и за заштитата на животната средина.

    „Животната средина е огромно прашање за овој град, па разговаравме за бројни аспекти кои ја засегаат: за ЕУ фондовите кои можат да се стават на располагање, инвестиција во отпадните води и за проектот ‘ЕУ за чист воздух’. Разговаравме и за РЕК ‘Битола‘, како да се направи транзиција кон зелено производство на електрична енергија и како може ЕУ да придонесе во овој контекст“, рече Гир.

    Тој на Коњановски му подари таканаречена сончева тегла, која од сончеви зраци произведува струја, за која кажа дека е симбол на зелениот договор на ЕУ.

    Гир се осврна и на иселувањето и рече дека Пелагонија страда што заминуваат младите. Со цел да им се даде можност, како што напомена, да процветаат во нивниот крај, во Битола ќе биде отворена Куќа на ЕУ, која ќе креира простор за младите.

    Запрашан дали смета дека иселувањето се должи и на предолгото чекање на Македонија пред вратите на ЕУ и дали наскоро можеме да очекуваме позитивен развој, Гир рече дека се охрабрени од напорите на двете држави во последно време, но додека чека, Македонија мора да се фокусира на спроведување на реформите.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира