Наместо да ја доградува болница „Плодност“ во Битола, сопственикот Таше Трпчевски одлучи да се откаже од градењето и местото пак да го претвори во паркинг. Ова го соопшти на денешната прес-конференција истакнувајќи дека одлучил вака по несогласувањата со Општина Битола во врска со пресметките за комуналии и одолговлекувањето на постапката за градба.
„Дефинитивно се откажувам од оваа инвестиција, можеби во иднина ќе ја реализирам доколку некој умее да го цени она што јас го првам и да ги цени придобивките на градот и битолчани од оваа инвестиција. Јас сакам да ја изразам мојата длабока разочараност за тоа што градот не успеа да ме препознае, не препозна во мене ни инвеститор ни хуманист, ни професионалец од највисок ранг. Ќе вработевме нови 60 луѓе. Жал ми е е што немам простор да воведам компјутерска томографија и да отворам гастроскопија со колоноскопија“, рече Трпчевски.
Проблемот настрана минатата година, кога на „Плодност“ му беше доставена пресметка од 6.500 евра за комуналии кои ги плати, но не доби дозвола за градба, за по неколку месеци да дознае дека пресметката е погрешна и треба да плати уште 112.000 евра, на што се жалел до Министерство за транспорт и врски. Кога поднесол барање до Општината за нова премсета вели дека добил одговор да ја повлече жалбата, но иако го сторил тоа, до денес пресметака не добил.
Запрашан дали не се посомневал во грешка по првата преметка која била мала, одговори дека работата ја оставил на архитектите кои го известиле дека „пресметана е супер сума“.
Од Општина Битола соопштија дека остануваат доследни дека законот важи за сите и не може да се гради без градежна дозвола.
„Инвеститорот изминатиот викенд работел на градежни активности – отстранување на бесправната градба. Истото е констатирано на терен при извршениот вонреден инспекциски надзор“, соопштија од Општината.
Додаваат дека од нивна страна експедитивно брзо и во рамките на законските рокови е водена целата постапка се` до воочувањето на неправилноста, по што се преземени сите законски мерки. Додаваат дека за неправилноста во пресметката спровеле процедура на проценка на одговорност со внатрешна контрола и ревизија на постапката. По утврдената грешка не можеле да издадат одобрение за градба, зашто тоа е кривично дело.
Ж. ЗДРАВКОВСКА