ПОРАДИ ОПШТИНСКА ПОГРЕШНА ПРОЦЕНКА ЗА КОМУНАЛИИ ОПШТИНА БИТОЛА СПОРИ СО БОЛНИЦАТА „ПЛОДНОСТ“ ЗА ИЗГРАДБА НА ОБЈЕКТ

    ПОРАДИ ОПШТИНСКА ПОГРЕШНА ПРОЦЕНКА ЗА КОМУНАЛИИ ОПШТИНА БИТОЛА СПОРИ СО БОЛНИЦАТА „ПЛОДНОСТ“ ЗА ИЗГРАДБА НА ОБЈЕКТОпштината не издала одобрение за градба во законскиот пропишаниот рок, а дури по два месеца го известила сопственикот на болницата дека има грешка во пресметката и треба да доплати 112.000 евра. (Фото: СДК.МК)

    Општина Битола обвинува дека приватната болница „Плодност“ започна доградба и адаптација на објект без издадено правосилно одобрение за градба. Сопственикот на болницата Таше Трпчевски, пак, вели дека се работи за предградежни работи и обвинува дека платил комуналии, потпишал договор со Општината, а одобрение за градба не му издале во законски пропишаниот рок, а дури по два месеца го известиле дека има грешка во пресметката.

    „Плодност“ уште минатата година побарала одобрение за доградба и адаптација за објект од втора категорија со намена за здравствена и социјална заштита. Ја доставила потребната документација и добила пресметка за комуналии кои ги платила во законскиот рок. Но, не добила одобрение за градба зашто била извршена првична погрешна пресметка на комуналии од службено лице во Општината, поради што е спроведена процедура за проценка на одговорност со внатрешна контрола и ревизија на постапката. Откако „Плодност“ добила обжалителен акт и известување дека треба да доплати уште 112.000 евра, болницата се жалела до Министерството за транспорт и врски.

    Од Општина Битола велат дека приватниот инвеститор не ги испочитувал сите чекори од постпката, а почнал да гради. Посочуваат дека уплаќањето на комуналии што е еден од чекорите, во никој случај не значи стекнување право за започнување градба кое се добива дури по завршување на постапката.

    „Сите ние, и јас како градоначалник, сме еднакви пред законот. Кога се гради, се гради со издадена градежна дозвола и никако поинаку. Никој нема право на ексклузивитет, привилегија и делување надвор од законот. За мене, сите граѓани се подеднакво важни и со еднакви права независно од нивниот социјален, економски и политички статус. Жалам што некои сметаат дека се граѓани од привилегирана класа и како такви сакаат да им се прогледува низ прсти“, рече градоначалничката Наташа Петровска.

    Општината не можеда да издаде одобрение, бидејќи била направена првична погрешна преметка и требало да се доплати над 100.000 евра. Петровска вели дека инвеститорот навремено го известиле, по што се жалел до Министерството за транспорт и врски, а потоа ја повлекол жалбата.

    „После добиеното известување од Министерството, од страна на Одделението за спроведување на урбанистички планови во Општина Битола, извршен е увид на терен и со записник е констатирано дека инвеститорите отпочнале со градење, при што постапиле спротивно на член 56 став 1 и член 65 а, став 1 и став 2 од важечкиот закон за градење и отпочнале градежни активности без завршена управна постапка со издадено правосилно одобрение. Врз основа на ваквата констатација, државните службеници кои го водат предметот, предлагаат до градоначалникот донесување на решение со кое се одбива барањето на здравствената установа ‘Плодност’ за доградба и адаптација на постоечкиот објект“, вели Петровска.

    Сопственикот на „Плодност“ Трпчевски во телефонски разговор ни рече дека откако ги платил комуналиите и потпишал договор со Општината за уредување на градежно земјиште, надлежните не постапиле според Законот за градба кој налага за 5 дена да му дадат дозвола или да го одбијат. Се жали дека биле неажурни.

    „Чекав два месеца и покрај ургенции по пријатели, нивни вработени, да ми се даде дозвола за градба , одговорот беше дека или некој од администрацијата не е на работа, бил болен од ковид, нема кој да го издаде решението. Бев притиснат од договорот со градежната фирма за плаќање пенали доколку не ги исполнам обврските. Од друга страна подигнав и кредит од 3 милиони евра, ме притискаа камати и рати, затоа почнав со предградежна подготовка на земјиштето, а не градев“, вели Трпчевски.

    По два месеца, му стигнал обжалителен акт и дека треба да доплати. Се жалел до Министерство за да му кажат зошто е толкава сумата, но одговор не добил.

    „Откако видов дека преметот е запоставен, а мене ме притискаа камати и рокови, поднесов барање до Општина Битола да ги доплатам комуналиите. Ми одговорија дека треба да ја повлечам жалбата, за да ги уплатам средствата за да ја добијам градежната дозвола. Следниот ден ја повлеков жалбата и повторно побарав да ми достават преметка да ги платам комуналиите, но одговор не добив“, рече Трпчевски.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира