БИТОЛСКАТА КУЛТНА БЕЛА ФОНТАНА УРНАТА ЗА ПАРКЧЕ СО ДВЕ ФОНТАНЧИЊА

    БИТОЛСКАТА КУЛТНА БЕЛА ФОНТАНА УРНАТА ЗА ПАРКЧЕ СО ДВЕ ФОНТАНЧИЊАБелата фонтана од бел мермер која беше урната лани, го симболизираше хелиоцентричниот Сончев систем на Никола Коперник и ја славеше соработката на Македонија со Полска, а место реконструкција Општината изгради две правоаголни фонтанчиња со клупи за седење (Фото: СДК.МК)

    Битола ја загуби култната Бела фонтана, а на нејзино место сега има две нови помали фонтани со ново паркче кое го изгради Општината. Белата фонтана од бел мермер, што беше урната лани, беше симбол на младоста во социјализмот и препознатив белег на разгледниците од Битола. Во последните десетина години  беше руинирана, но младите уште ја доживуваа како катче на слободата и на неа ги испишуваа своите пароли за општествените случувања.

    Лани во април беше срушена без никаква претходна најава, а од Општината најавија дека ќе изградат нешто ново и убаво. Деновиве осамнаа две парвоаголни фонтанчиња со клупи за седење.

    Во последните десетина години Белата фонтана беше руинирана, но младите уште ја доживуваа како катче на слободата и на неа ги испишуваа своите пароли за општествените случувања (Фото: СДК.МК)

    Реномираниотуметник Владо Ѓорески од Битола  вели дека фонтаната која беше урната го симболизираше хелиоцентричниот Сончев систем на Никола Коперник и ја славеше соработката на Македонија со Полска, а сега Битола доби површина без смисла и порака.

    „Оваа е без идеја и без контекст, наспроти претходната фонтана која го претставуваше Сончевиот систем на Коперник , а завршетоците беа изработени како фасадата на Офицерскиот дом. Таа го обединуваше културното и духовното наследство на Битола и Полска. Проектот е зачуван, беше подарок од скулптор од Полска, бидејќи Битолскиот музеј имаше одлична соработка со таа земја. Познат археолог од таму беше вклучен во конзервацијата на театарот во античкиот локалитет Хераклеја, па не случајно фонтаната беше изградена пред Музејот“, вели Ѓорески.

    Докторот по историја Александар Литовски новата фонтана ја споредува со селско поило.

    „Од уметност до селско поило! Старата фонтана беше авторско дело со уметнички ренесансни пораки за опстојувањето на човекот во свемирот, додека новиот изглед нема ниту претензии да прати некаква порака преку уредувањето на просторот. Впрочем, хуманизмот на некогашното време и дехуманизацијата на денешново време се очитува и во компарацијата на некогашната фонтана и сегашното уредување на просторот“, вели Литовски.

    Кога почна зафатот, од Општината беше соопштено дека не можеле да ја реконструираат Белата фонтана зашто материјалот бил шуплив и се распаѓал, пo што одлучиле да направат паркче за одмор (Фото: СДК.МК)

    Општината не организираше свечено пуштање во употреба на новото паркче како што тоа беше пракса при разни реконструктивни зафати низ градот. Реконструкција на фонтаната битолскиот градоначалник Владимир Талески имаше ветено во својата изборна програма за третиот мандат. Кога почна зафатот, од Општината беше соопштено дека не можеле да ја реконструираат зашто материјалот бил шуплив и се распаѓал, па што одлучиле да направат убаво паркче за одмор.

    За замената на култната фонтана со паркчето се дискутираше и на последната седница на Советот. Директорот на „Нискоградба“, Кире Крстевски, рече дека сегашното урбано уредување подобро изгледа од Белата фонтана и дека се надева оти граѓаните ќе го препознаат тоа.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА   

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира