БИТОЛСКИОТ ЦЕНТАР „ИВАН МИХАЈЛОВ“ НЕДОСТАПЕН ОТКАКО СО ПИСМА СЕ ПОЖАЛИ ДО БУГАРИЈА И АМБАСАДОРИТЕ ДЕКА МАКЕДОНСКИТЕ БУГАРИ НЕМААТ ПРАВА

    БИТОЛСКИОТ ЦЕНТАР „ИВАН МИХАЈЛОВ“ НЕДОСТАПЕН ОТКАКО СО ПИСМА СЕ ПОЖАЛИ ДО БУГАРИЈА И АМБАСАДОРИТЕ ДЕКА МАКЕДОНСКИТЕ БУГАРИ НЕМААТ ПРАВАБугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов и тогашниот бугарски европратеник Ангел Џамбаски пред пет години дојдоа на 5-годишнината од Здружението за македонско-бугарско пријателство. (Фото: СДК.МК)

    Молк од Културниот центар „Иван Михајлов“ од Битола, откако изминатите денови ја разбранува јавноста во земјава и во Бугарија, по писмото испратено до бугарскиот државен врв и амбасадите на САД, ЕУ, Португалија и Германија во земјава дека се соочуваат со страв да се изјаснат како македонски Бугари и дека се соочени со бугарофобија.

    Денеска претставниците на центaрот „Иван Михајлов“ останаа недостапни за медиумите да одговорат конкретно кога, во кои случаи и каде пријавиле дека им се загрозени правата на етничко определување. Иако уште синоќа прашањата ги испративме во порака на нивната фејесбук страница и пораката е видена, одговор не добивме. Телефонски го побаравме и Љупчо Ѓоргиевски, кој во писмото е потпишан  претседател на Центарот, му испративме и порака со прашања, но не ни одговори. Нема податок каде овој Центар има канцеларии во Битола. На Широк Сокак канцеларија има само Здружението за бугарско-македонско пријателство, но тоа не е опфатено во иницијативата на „Иван Михајлов“.

    По нивното писмо, бугарскиот претседател Румен Радев вчера одржа средба со шефовите на безбедносните служби, како што соопшти неговиот кабинет,„за да се преземат соодветни мерки за адекватна заштита на правата на бугарските граѓани од дијаспората, кои се цел на напади“, а министерката за надворешни работи Екатерина Захариева во интервју за БНТ рече дека над 100.000 граѓани имаат и бугарско државјанство, понекогаш се заплашувани, а е недопустиво е во 21 век да не се признаваат правата на самоопределување.

    Битолчани не паметат досега некој кој себеси се декларира како Бугарин да излегол во јавност и да се пожалил дека имал проблеми затоа што се идентификува како таков. Секој ден, пред Бугарскиот конзулат во Битола има луѓе кои чекаат да им бидат издадени бугарски пасоши, но досега немало никакви поплаки дека се соочиле со проблеми од други граѓани или инстутуции поради тоа.

    Минатата година во февруари, во Битола центарот „Иван Михајлов“ направи промоција на книги за Тодор Александаров и полковник Дранго од бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов, кој е лидер на националистичката партија ВМРО-БНД, на која и самиот присуствуваше. Пред пет години, во ресторан во Битола со двесте гости беше прославена петгодишнината од постоењето на Здружението за македонско-бугарско пријателство на кое присуствуваше Каракачанов и тогашниот бугарски европратеник Ангел Џамбаски. Уште тогаш кажаа дека околу 90.000 граѓани на Македонија имаа бугарски пасоши. Прославата помина без проблеми.

    Скоро секоја година во изминатиот период, бугарски делегации или претставници на бугарски здруженија го чествуваа Илинден во Смилево или полагаа цвеќиња на гробиштата во битолското село Цапари, а досега инцидент не бил пријавен.

    Во писмото што од Културниот центар „Иван Михајлов“ го испратија до бугарскиот државен врв, бараат олеснување на процедурата за добивање на државјанство на оние лица кои на престојниот попис во Македонија ќе се декларираат како македонски Бугари.

    Откако бугарскиот претседател вчера одржа средба со шефовите на безбедносните служби за да се заштитат правата на бугарските граѓани во дијаспората, претседателот Стево Пандаровски денес кажа дека реакцијата на Радев е спротивна и на основниот принцип во меѓународната политика за немешање во внатрешните работи на друга држава. Тој изјави и дека ниту од домашните институции, ниту во извештаите од Брисел за Македонија, вклучително и во последниот, нема има добиено информација, ниту сретнал податок за кршење на човековите слободи и права на македонски граѓани само затоа што ја декларирале својата етничка припадност.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира