Оштетување на киоск во кој се продаваат цвеќиња и свеќи кај црквата „Св. Недела“ во Битола можеше да подгрее нови обвинувања за наводна нетрпеливост кон Бугарите во земјава. Имено, на времениот објект во сопственост на секретарот на бугарскиот Културен центар „Иван Михајлов“ во Битола, вчера му беа искршени стаклата. Случајот тој не само што го пријави во СВР, туку и во Генералниот конзулат на Бугарија во Битола, за на кај да излезе дека е дело на поранешната сопруга на секретарот поради нивни меѓусебни недоразбирања.
Од центарот „Иван Михајлов“ вчера на Фејсбук првично објавија дека бил нападнат објектот на секретарот на Центарот, поради што поднесена е и пријава во СВР и кај Генералниот конзулат на Бугарија во Битола со надеж дека „сторителите ќе бидат откриени и санкционирани во најбрз можен рок!!!“ На објавата пишува: „Одново се наложува да си поставиме прашање дали е тоа само вандалски и криминален акт или станува збор и за нешто друго!“ Под објавата има еден куп коментари со обвинувања и говор на омраза против Македонците.
Но обвинувањата паднаа во вода откако на социјалните мрежи сама се јави поранешната сопруга на секретарот и призна дека го оштетила објектот. Таа тоа го признала и во полиција.
Денес и СВР Битола соопшти дека Б. Ш. (44) од село Брусник, Битолско, пријавил дека со тврд предмет било извршено оштетување на стакло од влезна врата на времен објект (киоск). Полициски службеници презеле мерки и било утврдено дека сторител е неговата поранешна сопруга, која во службен разговор со полициски службеници го признала делото и појаснила дека го сторила поради нивни недоразбирања.
Токму Културниот центар „Иван Михајлов“ во центарот на Битола подготвува простории за да отвори клуб „Ванчо Михајлов ВМРО“. Лани ја разбранува јавноста со писмото испратено до бугарскиот државен врв и амбасадите на САД, ЕУ, Португалија и Германија во земјава, со тврење дека се соочуваат со страв да се изјаснат како македонски Бугари и дека се соочени со бугарофобија.
Ж. ЗДРАВКОВСКА