БЛОКАДИ НА ОГРАЖДЕН ЌЕ ИМА И СЛЕДНИТЕ СЕДУМ ДЕНА, ЌЕ СЕ ЧЕКА ВЛАДИНА ОДЛУКА ЗА РАСКИНУВАЊЕ НА ДОГОВОРОТ СО „ЕУРОМАКС“ ЗА РУДНИКОТ ИЛОВИЦА

    БЛОКАДИ НА ОГРАЖДЕН ЌЕ ИМА И СЛЕДНИТЕ СЕДУМ ДЕНА, ЌЕ СЕ ЧЕКА ВЛАДИНА ОДЛУКА ЗА РАСКИНУВАЊЕ НА ДОГОВОРОТ СО „ЕУРОМАКС“ ЗА РУДНИКОТ ИЛОВИЦА„Ние сме оптимисти дека ќе биде одземена концесијата. Разочарани сме од вчерашната одлука на Владата бидејќи тешко ни паѓаат таквите одложувања, но веруваме дека навистина за седум дена ќе биде одземена концесијата. Донесовме одлука да сочекаме тие седум дена, но нема да отстапиме од блокадите на Огражден“, велат еко-активистите против изградба на рудникто Иловица-Штука. (Фото: Здрава котлина)

    Активистите против изградба на рудникот Иловица-Штука ќе ги продолжат блокадите на планината Огражден и нема да дозволат било каков пристап до локациите каде се планирани коповите и постројките на потенцијалниот рудник. За нив, вчерашната долука на Владата со која го задолжи Министерството за економија да ја преиспита правната исполнетост на барањето на „Еуромакс ресорсис“ за добивање дозвола е речиси идентична на одлуката од пред 15 месеци, кога Министертвото не даде никаков одговор.

    „Не е тоа што го очекувавме, бидејќи и лани се донесе таква одлука но немаше одговор. Сега нема да дозволиме два пати да ни се случи иста работа, а ние мирно да чекаме. Нема да дозволиме на мала врата да протнат рудници и брани со носење урбанистички планови од посебно значење за државата без јавна расправа, како ште е предвидено во Предлог-измените на Законот за урбанистичко планирање. Блокадите продолжуваат“, објавија активистите од „Здрава котлина“.

    Синоќа тие одржале коориднативен состанок и било одлучено и во наредниот период да се биде на блокадите на Огражден, но и да се сочекаат тие седум дена кога и официјално треба да биде раскинат договорот за концесионерот.

    „Ние сме оптимисти дека ќе биде одземена концесијата. Разочарани сме од вчерашната одлука бидејќи тешко ни паѓаат таквите одложувања, но веруваме дека навистина за седум дена ќе биде одземена концесијата. Донесовме одлука да сочекаме тие седум дена, но нема да отстапиме од блокадите на Огражден’’, ни изјави Костадин Ристоманов од „Еко долина“, кој тврди дека на „Еруомакс ресорсис“ веќе три години му е истечена концесијата.

    Владата на вчерашната седница донесе одлука и го задолжи Министерството за економија да ја испита правната исполнетост на барањето за добивање дозвола за експлоатација на минерална суровина бакар и злато на „Еуромакс ресорсис“ во општините Босилово и Ново Село и ако не се исполнети правно-формалните аспеките да го одбие барањето на концесионерот. Ако се утврди дека не исполнета правната обврска на барањето за добивање дозвола за експлоатација, Владата го задолжи Министерството за економија и еднострано да го раскине договорот.

    Премиерот Зоран Заев минатата недела на новинарско прашање за судбината на рудникот Иловица подвлече дека правно-формалните можности за рудникот не се исполнети.

    „Ние сме Влада и секако најважно за нас е што тоа граѓаните зборуваат, но истовремено важни се и правно-формалните аспекти. Ако биде сè завршено, одлуката ќе ја донесеме во вторник, ако не следниот вторник. Одлуката треба да ја донесе Владата. Јас не би коментирал претходно оти ќе излезам отпосле да ја образложам донесената одлука со сите нејзини детали. Но отприлика знаат и граѓаните и концесионерите, правно-формалните можности не се исполнетти’’, рече Заев пред пет дена.

    Блокадите на активистите против рудници се интензивираа кога компанијата концесионер ангажираше археолози од струмичкиот Завод и Музеј со локално население да вршат археолошки истражувања на локалитети, за да утврдат дали има било какво културно наследство.

    В. ТРАЈКОВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари