СО БОЈА ЌЕ СЕ БЕЛЕЖИ ДО КАДЕ МОЖАТ КАФАНЏИИТЕ ДА ПОСТАВУВААТ МАСИ И СТОЛИЦИ

    СО БОЈА ЌЕ СЕ БЕЛЕЖИ ДО КАДЕ МОЖАТ КАФАНЏИИТЕ ДА ПОСТАВУВААТ МАСИ И СТОЛИЦИОткако кафанџиите ќе добијат одобрение од Град Скопје за поставување на летни тераси, инспектори од Градот ќе им ги обележат терасите и на тој начин многу лесно ќе може да се контролираат дали се узурпираат јавните површини.(Фото: М. Златевска)

    Со боја ќе се бележат јавните површини до каде кафанџиите ќе може да поставуваат летни тераси. Ова се предвидува со одлуката на Град Скопје за измена и дополнување на стандарди за поставување на времени објекти и урбана опрема, со цел како што рече градоначалникот Петре Шилегов да се стави крај на хаосот со узурпирани пешачки патеки со кафеани.

    Откако кафанџиите ќе добијат одобрение од Град Скопје за поставување на летни тераси, инспектори од Градот ќе им ги обележи терасите и на тој начин многу лесно ќе може да се контролираат дали се узурпираат јавните површини.

    Одлуката која денес се изгласа на седница на Советот на Град Скопје предвидува на јавните површини на кои ќе се поставуваат маси и столици да има слободна проодна површина од 2,5 метри почнувајќи од рабниците или велосипедските патеки. На оние тротоари каде има дрва, столбови или друга опрема тогаш просторот за пешаци не треба да биде помал од 1,2 метри.

    „Градот подготвува нов правилник и за зимските тераси. Со измените за летни тераси угостителите ќе се адаптираат на новите услови на поставување урбана опрема. Со ова ќе ги вратиме јавните површини на граѓаните и ќе ставиме крај на поставување маси и столици кој каде стигне, притоа узурпирајќи цели пешачки патеки. Одлуката стапува на сила по денешното гласање, што значи дека угостителите за кои ќе добијат одобрение за оваа летна сезона ќе мора да ги почитуваат измените“, рече градоначалникот Петре Шилегов.

    Со измените се предвидува угостителите во рамките на дозволената тераса да можат да постават и монтажна платформа со висина од 15 сантиметри, а настрешниците да бидат прицврстени со две греди кои треба исто така да се наоѓаат во рамките на обележаната површина за тераси.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари