Специјална болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо” во Охрид за првпат после 50 години доби апарат за компјутерско снимање со магнетна резонанца. Вредната донација денеска ја испорачаа министерот за здравство Венко Филипче, амбасадорот и шеф на Делегацијата на Европската Унија (ЕУ) во Македонија Дејвид Гир и амбасадорот на Кралството Холандија Дирк Јан Коп.
Евроамбасадорот Гир, потсетувајќи на донациите во здравството од ЕУ, рече дека земјава имала потреба од апарат за рано дијагностицирање и анализа на болестите, апаратура за магнетна резонанца, оти имало само 8 на ниво на цела држава, односно 25 отсто помалку од ЕУ по глава на жител, а 40 отсто помалку за компјутерска томографија од просекот на такви апарати кои постојат во ЕУ.
„Оваа опрема ќе направи разлика во начинот на помагање и на превенција на самите болести како и на нивната анализа. Граѓаните од цел овој регион ќе може да дојдат тука за дијагностицирање како и за третман, наместо да одат Скопје. Се надеваме дека Министерството за здравство ќе обезбеди ефикасно одржување и функционирање на сета опрема како и соодветна обука за самиот персонал“, рече Гир и најави дека ЕУ и понатака ќе обезбедува медицинска помош за земјава.
Министерот Филипче кажа дека за првпат во регионот се става во функција апарат за магнентна резонанца, значаен проект кој е добиен од Европската Унија.
„Ковидот не значи само прием и лекување на пациенти туку и рана дијагностика и детектирање на постковид компликации. Со ова донација значајно се зголемува пристапот до пациентите до овој тип на снимање и за болести поврзани за ковид, но и некои други болести кои не се поврзани со тоа“, рече Филипче.
За амбасадорот на Кралството Холандија Дирк Јан Коп, овој проект е дел од пошироката посветеност и заложба на ЕУ и нејзините земји членки за подобрување на здравствената состојба во земјава.
„Испораката на оваа медицинска опрема не само што го подобрува квалитетот за третман на болестите на самите пациенти ,туку и самата брзина на дијагностицирање на болестите“, рече Коп.
Тој кажа дека од пред 130 години, кога браќата Филипс отвориле компанија за продажба и производство на сијалици во Холандија, до денес компанијата „Ројал Филипс“ има развиено технолошки продукти и се најголемата компанија за производство на медицинска опрема и апарати со најсовремена технологија.
Со донација од 3,7 милиони евра, апарат за магнентна резонанца добија Охрид, Струмица и Прилеп. ЕУ обезбеди и апарати за компјутерска томографија за Кавадарци, Куманово, Кичево, Гевгелија како и за Универзитетската клиника за Пулмологија во Скопје.
С. ВРЕНЦОВСКА