БОМБАТА ОД 140 КИЛА НАЈДЕНА КАЈ ШТИП ЌЕ СЕ ДИСЛОЦИРА НА КРИВОЛАК

    БОМБАТА ОД 140 КИЛА НАЈДЕНА КАЈ ШТИП ЌЕ СЕ ДИСЛОЦИРА НА КРИВОЛАКАвионската бомба била најдена при градежни работи пред еден месец, кога багерите копале темели за нов индустриски капацитет во близина на погонот „Актива“, бомбата долга повеќе од еден метар потекнувала од Втората светска војна (Фото: Т. Јовановски)

    Тешката неексплодирана бомба најдена пред еден месец во близина на обиколницата кај приградската населба Три Чешми, на влезот во Штип и патот за Струмица, најверојатно ќе се транспортира за Криволак или на некое друго место за уништување на експлозивни средства.

    Од АРМ беше најавено дека бомбата ќе се уништи на самото место денеска, но веднаш потоа од Дирекцијата за заштита и спасување пристигна известување дека најавеното уништување се одлага и  најверојатно бомбата ќе се дислоцира затоа што од компанијата „Актива“ добиле допис со барање уништувањето да биде на друго место, оти е на само педесетина метри од индустриската зграда на оваа компанија. Во случај на експлозија, потрес и оштетување ќе претрпел нивниот стопански објект, а и соларните и останатите компјутерски системи на фирмата.

    Стручните демонтери од Дирекцијата велат дека авионската бомба била најдена при градежни работи пред еден месец, кога багерите  копале темели за нов индустриски капацитет во близина на погонот „Актива“. Авионската бомба долга повеќе од еден метар потекнувала од Втората светска војна. Била тешка над 140 килограми, со 70 килограми експлозив и имала ударна и разорна моќ од еден до три километри. Поради тоа градежните работи се стопирани, а местото е под строго полициско обезбедување.

    Една недела пред да се открие оваа бомба, во штипското село Горно Трогерци била најдена уште една авионска бомба која датирала од Првата светска војна. По пријавата, Дирекцијата за спасување и за деактивирање на експлозивни средства ја дислоцирале бомбата најдена кога еден жител на селото копал во својот двор и за среќа не ја активирал.

    Во изминатите десетина години во Македонија се уништени десетици тони разни експлозивни средства, претежно гранати, бомби и мини. Во 2010 биле уништени 7 тони стари гранати кои биле извадени од Охридското Езеро. Две години подоцна, во близина на селото Извор кај Кичево, биле уништени 2 тони минско-експлозивни средства, а во 2013 на воениот полигон Криволак биле уништени 250 парчиња разни експлозивни средства.  Во демонтирачкиот полигон на Огражден во 2016 биле уништени околу 300 парчиња експлозивни средства главно од Првата светска војна најдени во Источна Македонија, најмногу во пределот на Беласица и Дојранскиот Регион.

    Т. ЈОВАНОВСКИ                    

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира