АРМ и Дирекцијата за заштита и спасување со детонација ја уништија бомбата која беше најдена пред еден месец кај Штип, без да предизвика последици по околните објекти и луѓето во нив.
„Ова е првата и најголема бомба во населено место што специјалната екипа на АРМ за уништување на неексплодирани убојни средства ја изврши вчера, на влезот во Штип на обиколницата кон Струмица. Оценивме дека транспортот е опасен затоа што кога веќе дошло до поместување опасната бомба со две каписли може и при најмал допир да експлодира. Сме имале повеќе детонации на бомби на полигонот Криволак, но сега сме задоволни што првото уништување на бомба во населено место помина без никакви пооследици. Не се прекинаа ниту струјните жици кои беа исклучени од погон кои беа само на 20 метри од бомбата, а штети немаше ни најблискиот објект на компанијата „Актива“ од Штип. Армиската екипа за детонации брои 28 луѓе и е стручно опремена“, вели потполковникот Љупчо Георгиевски.
Детонирањето го следеше и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување на Македонија Шабан Салиу. Според него, авионската бомба била тешка 250 килограми со 160 килограми експлозив. Потекнувала од Втората светска војна, од германско производство од типот СК 250 .
Успешно се реализирала и намерата експлозијата да биде насочена во висина, а не во ширина за да не претрпат штети околните објекти, а за да биде експлозијата поблага и без шрапнели, била укопана на неколку метри и покриена со песок па со кабел детонирана од далечина. Не случајно се одбрал денот недела, кога околните стопански капацитети не работат и немало потреба од некоја посебна евакуација. Од безбедносни причини, пред и за време детонацијата полицијата го обезбедила теренот, а сообраќајот по околните патни правци бил во прекин петнаесетина минити.
Т. ЈОВАНОВСКИ