ЧЕТИРИ ДЕНА НЕ РАБОТАТ ЖЕЛЕЗНИЧКИТЕ РАМПИ ВО ВЕЛЕС ОТИ НЕВРЕМЕТО ГО ОШТЕТИ БЕЗБЕДНОСНИОТ КАБЕЛ

    ЧЕТИРИ ДЕНА НЕ РАБОТАТ ЖЕЛЕЗНИЧКИТЕ РАМПИ ВО ВЕЛЕС ОТИ НЕВРЕМЕТО ГО ОШТЕТИ БЕЗБЕДНОСНИОТ КАБЕЛНиз Велес секојдневно минуваат четири патнички воза од и за Гевгелија и повеќе товарни возови, по што гужвата во сообраќајот од нивното проаѓање и бавното возење се расчистува и по 10-15 минути. (Фото: СДК.МК)

    Четврти ден не работат сигурносните рампи на железничките премини во Велес поради оштетениот железнички кабел во невремето. Тоа го отежнува патничкиот сообраќај низ градот, каде има дури четири железнички премини, од кои три се на електроника. Ова нефункционирање создава долги колони возила во централното градско подрачје, поради бавното минување на возовите. Тоа пак ја зголемува нервозата кај возачите и патниците во автомобилите.

    „Од силното невреме кое го зафати регионот во саботата вечер, оштетен е безбедносниот кабел на пругата Велес- Згрополци. Поради тоа што местото каде се случи оштетувањето беше под вода, работите се одвиваа отежнато. Ископан е ров од стотина метри и се работи на поставување на нов кабел во должина од 120 метри, кој ќе биде поврзан со стариот“, велат од Македонски железници (МЖ)-Инфраструктура.

    Тие очекуваат дека до доцна попладнево, ќе биде поставен кабелот, а со тоа безбедносните железнички рампи ќе функционираат и најавуваат нормализирање на железничкиот сообраќај. Низ Велес секојдневно минуваат четири патнички воза од и за Гевгелија и повеќе товарни возови, по што гужвата во сообраќајот од нивното проаѓање и бавното возење се расчистува и по 10-15 минути.

    Во вакви случаи кога рампите не функционираат, според прописите на МЖ, машиновозачите на возовите се должни пред премините да сопрат, со звучно сигнализирање на возот и излегување на машиновозачот од возот кај премините, да ги предупредат возачите и минувачите кои сакаат да ја преминат пругата на овие премини, по што со бавно возење продолжуваат натаму.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира