Воведени се олеснети околности за оние кои имаат закажани по два члена од исто семејство за да можат да се вакцинираат против ковид-19 во исто време, соопшти Весна Спиркоска, директорка на Здравствениот дом од Битола. Членовите од исто семејство ќе можат да ги примат вакцините на „Синофарм“ на вакциналниот пункт во Битола на подоцна закажаниот термин, за да не доаѓаат двапати.
Исто така, редовно закажаните термини кои ќе бидат пропуштени, пријавените ќе може да го искористат во наредните осум дена, после што се бришат автоматски од системот и ќе мора повторно да аплицираат.
Спиркоска изјави дека во изминатата недела беа вакцинирани 3.885 лица од општините Битола, Прилеп, Демир Хисар, Крушево и Македонски Брод на пунктот во Битола. Ако се додадат и тие 1.850 вакцинации со вакцината на „АстраЗенека“ и 600 вакцинирања со „Фајзер“, тогаш вкупната бројка е 6.285 имунизирани во Битола.
Досега, од почетокот на работата на овој пункт добиени се две пратки вакцини, 5.100 дози на трети мај и 4.200 на осми мај.
„Со тоа се потврдува веќе кажаното, вакцини има и ќе ги има и во иднина. Но, апелираме населението, граѓаните да аплицираат преку сајтот vakcinacija.mk и да ја очекуваат повратната порака со закажан термин каде основен параметар е старосната граница“, рече Спиркоска.
До минатата недела се вакцинираа лица од 66 години па нагоре, а оваа седмица старосната граница ќе слегува подолу и масовноста на вакцинирање се очекува се` повеќе да се зголемува.
Исто така, организирано е и теренско вакцинирање во Домовите за стари лица „Сју Рајдер“, хосписот „Сју Рајдер“ од Геронтолошкиот завод, а во наредниот период и Домот „Св. Спас“. За неподвижните лица ќе се организира теренска вакцинација по пријава од член на фамилијата, со претходно закажан термин и со медицинска документација.
Ж. ЗДРАВКОВСКА