ЧЛЕНОВИТЕ НА УПРАВНИОТ ОДБОР НА СКОПСКИ „ВОДОВОД“ СЕ СТЕПАА СО ОБЕЗБЕДУВАЊЕТО, ДИРЕКТОРОТ ПАК НЕ ИМ ДОЗВОЛИ ДА ДРЖАТ СОСТАНОК ВО КАНЦЕЛАРИЈА

    ЧЛЕНОВИТЕ НА УПРАВНИОТ ОДБОР НА СКОПСКИ „ВОДОВОД“ СЕ СТЕПАА СО ОБЕЗБЕДУВАЊЕТО, ДИРЕКТОРОТ ПАК НЕ ИМ ДОЗВОЛИ ДА ДРЖАТ СОСТАНОК ВО КАНЦЕЛАРИЈАПроблемот настанал откако повторно по наредба на директорот Драган Илиевски им било забрането да држат состанок во канцеларија, туку требало да одат во ходник. (Фото: СДК.МК)

    Тепачка попладнево се случи во ЈП „Водовод и канализација“ во Скопје меѓу членовите на Управниот одбор и обезбедувањето. Проблемот настанал откако повторно по наредба на директорот Драган Илиевски им било забрането да држат состанок во канцеларијата на 4 спрат, каде со години се држат состаноци. Им било речено да одат на петиот, најгорен кат, каде нема канцеларија туку треба да држат состанок во ходник.

    Членовите не прифаќале да одат на петиот кат, но обезбедувањето не ги пуштало да влезат во канцеларијата, по што настанала тепачка. Поради тепачката во „Водовод“ дошла и полицијата.

    „На 03.11.2023 година во 13.30 часот лице од Управен одбор на ‘Водовод’ пријави дека во просториите на ‘Водовод’ дошло до нарушување на јавниот ред и мир. Полициски службеници од ПС Центар се упатени за расчистување на случајот“, соопшти МВР.

    Пред почетокот на седницата, претседателот на Управниот одбор Идриз Орона за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека добил најави оти повторно нема да им биде дозволен влез.

    „Нè провоцираат и не сакаат да работиме. Пред нас состанок имаше Надзорниот одбор и тој се собрал во ходникот на влезот оти и нив не ги пуштале горе. Претпријатието не е на директорот за да може да прави што сака“, ни изјави пред да дојде до инцидентот Орана.

    И на 3 октомври Управниот одбор на „Водовод и канализација“ во Скопје држеше седница во ходник оти салата им била заклучена. Една од точките на дневен ред тогаш беше предлог за разрешување на в. д. директорот Драган Илиевски „поради лошата (неподобрена) финансиска состојба на претпријатието“, па затоа членовите се сомневаа дека ова беше направено по негова наредба за да се блокира работата и да не се донесе одлуката за разрешување. На дневниот ред тогаш беше и Разгледување на барање од УО до в.д. директорот да се достави на увид Договорот за изградба на Пречистителна станица за отпадни води помеѓу ЈП „Водовод и канализација“ и „ВТЕ Васертехник”.

    Управниот одбор на „Водовод“ беше избран додека градоначалничката Данела Арсовска не беше скарана со ВМРО-ДПМНЕ, партијата која ја подржа нејзината кандидатура на изборите во 2021. Градоначалничката Арсовска во јануари годинава го назначи Илиески за в. д. директор на „Водовод“, каде тој дојде од местото в. д. директор на Зоолошката градина.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира