Д-Р ЗОРА ЉУШЕСКА-ТРАЈЧЕСКА ОД „СВ. ЕРАЗМО“ Е ТРЕТО МЕДИЦИНСКО ЛИЦЕ ОД ОХРИД КОЕ ПОЧИНА ОД КОВИД-19

    Д-Р ЗОРА ЉУШЕСКА-ТРАЈЧЕСКА ОД „СВ. ЕРАЗМО“ Е ТРЕТО МЕДИЦИНСКО ЛИЦЕ ОД ОХРИД КОЕ ПОЧИНА ОД КОВИД-19Во Охридската болница моментално има 74 заболени од коронавирус. (Фото: СДК.МК)

    Шеесет и шестгодишната д-р Зора Љушеска-Трајческа, специјалист по физикална медицина и рехабилитација во охридската Специјална болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ е трето медицинско лице од Охрид кое почина по компликации од ковид-19. Д-р Љушеска-Трајческа починала вчераутро, во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје. Претходно била хоспитализирана во Општата болница во Охрид.

    Досега битката со коронавирусот ја загубија медицинската сестра Дијана Димоска и д-р Драган Спасески- Охридски, кои од почетокот на коронакризата се во првата линија на борбата против ковид-19.

    Во Охрид е сѐ покритична состојбата со ковид-19. Бројката на хоспитализирани во Општата болница забрзано расте. Моментално има 74 заболени во болнички услови, од кои над 50 се на кислородна поддршка. Со новиот бран сѐ поголем е бројот на помлади лица кои имаат тешка клиничка слика.

    Директорот д-р Горан Балески вели дека се обезбедуваат дополнителни кревети во сите одделенија во болницата, но за успешно справување апелира да се почитуваат мерките, да се носат маски и да нема поголеми групирања бидејќи вирусот многу брзо се шири.

    Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), за податоците обработени до 4 март, стои дека од случаите кои се епидемиолошки истражени (72.129; 81,1%), регистрирани се 3.439 (4,8%) случаи на заболување меѓу здравствени работници и 24 смртни случаи.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира