Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) и Академијата на архитекти бараат за просторот кај „Холидеј ин“ во центарот на Скопје да се почитува Генералниот урбанистички план и јавниот интерес. Во соопштението испратено од Асоцијацијата велат дека тие како архитекти не се против градење, ниту пак против личните и бизнис интереси на поединци, но „доколку тие не го загрозуваат квалитетот на животниот простор и јавното добро“.
„Асоцијацијата на архитекти е за доследно почитување на целите, проекциите и планските решенија од Генералниот урбанистички план на Град Скопје 2012-2022 и плановите од пониско ниво мора да бидат усогласени со овој стратешки план. Тоа се однесува и на планот во чиј состав е оваа локација спроти хотелот ‘Холидеј ин‘, но и за сите останати за кои постои интерес во јавноста како што се фабриката Треска, Дебар Маало, Мал Ринг, Езеро Треска, Расадник“, се вели во соопштението од Асоцијацијата.
Архитектите од Асоцијацијата велат дека Деталните урбанистички планови, кои претставуваат акти од јавен интерес, треба да содржат креативни решенија, кои на жителите, корисниците и посетителите на просторот ќе им овозможат негово безбедно, квалитетно и комфорно користење и доколку не е така истите мораат да бидат коригирани.
„Во изминатиот период Асоцијацијата го поддржа мораториумот за градење на 33 Детални планови во Општина Центар, како единствен начин да се спречи спроведувањето на важечките планови кај кои се констатирани сериозни прекршувања и недоследности во однос на Генералниот урбанистички план и општите правила и параметри на урбанистичко планирање. Но, напоменуваме дека мораториумот има смисла ако е временски и содржински строго и наменски ограничен“, велат од Асоцијацијата додавајќи дека кон средината на 2019 на средба со претставници на Општина Центар било посочено дека одолговлекувањето на состојбите е контрапродуктивно и се понудиле активно да бидат вклучени во разрешувањето на проблемите со конкретни предлози за тоа како побрзо и поефикасно да се делува.
На просторот кај „Холидеј ин“ наскоро треба да почне изградбата на една од трите кули кои ги презентираше инвеститорот „МГ Фешн“. За првата 20-катница комуналиите од 2,4 милиони евра се платени и побарана е градежна дозвола од Општина Центар.
Минатата недела 30 граѓански организации и поединци со отворено писмо побараа градоначалникот Саша Богдановиќ да донесе одлука за суспензија на планот што му е овозможено со новиот Закон за урбанистичко планирање. Граѓанските организации велат дека со молчењето на Владата и покрај бројните реакции на јавноста, се создава впечаток дека не се почитува интересот на граѓаните, ниту пак стручното мислење.
Богдановиќ уште не знае дали ќе се донесе суспензија, само кажува дека после тоа инвеститорот може да тужи.
Седница на Советот на Општина Центар на која би се одлучувало за суспензија како единствен начин за спас на овој простор во срцето на Скопје, уште не е закажана. Градоначалникот Богдановиќ ниту знае кога ќе се закаже и одржи седницата иако секој ден инвеститорот може да добие градежна дозвола.
А. АНТЕВСКА