ДА СЕ ЗАБРАНИ ПРОДАЖБА НА ВЛАЖНО ОГРЕВНО ДРВО, БАРА БИТОЛСКОТО ДРУШТВО „ГЕОСФЕРА“

    ДА СЕ ЗАБРАНИ ПРОДАЖБА НА ВЛАЖНО ОГРЕВНО ДРВО, БАРА БИТОЛСКОТО ДРУШТВО „ГЕОСФЕРА“Анализата покажа дека потрошувачите често купуваат влажно дрво кое гори неефикасно, ослободува повеќе штетни ПМ честички и ги зголемува трошоците за греење.(Фото: Архивска фотографија)

    Огревното дрво во Битола се дистрибуира со влага значително над препорачаниот максимум, а тоа е последица не само на техничките ограничувања на претпријатијата, туку и на отсуството на регулаторна рамка, кадровски дефицит и минимални инвестиции во инфраструктурата за сушење и складирање.

    Заклучокот е дел од студијата „Патот на дрвото -Анализа на производството, дистрибуцијата, квалитетот и правната рамка за огревното дрво на територијата на Република Северна Македонија“, изработена од регионалното географско друштво „Геосфера“ од Битола. Автори се Костадин Поповски и Вања Атанасов, а трудот беше презентиран на форумот „Еколошки и законски предизвици: аерозагадување, дистрибуција на огревно дрво и потреба од регулаторни измени“, одржан во Битола.

    Анализата покажа дека потрошувачите често купуваат влажно дрво кое гори неефикасно, ослободува повеќе штетни ПМ честички и ги зголемува трошоците за греење, додека нелегалната трговија и отсуството на јасни стандарди за влажност ја поткопуваат легалната понуда и ја загрозуваат животната средина.

    „Огревното дрво кое се дистрибуирало на територијата на Општина Битола од 2023 до 2025 во речиси 100 отсто од случаите содржело влага значително над препорачаниот максимум. Ова не е изолиран технички проблем на едно претпријатие, туку системска слабост која ја рефлектира состојбата на целиот шумарски сектор во државата“, велат од „Геосфера“.

    Оттаму посочуваат дека не се врши мерење на влажноста на огревното дрво пред дистрибуција, а не постои ниту законска регулатива која го обврзува тоа. По сечата, дрвото престојува само еден месец во шума, а потоа 2-3 месеци на складиште. За правилно сушење на огревно дрво со содржина на влага под 20 проценти, согласно ISO 17225, потребни се барем 12-18 месеци.

    Во Битола во тригодишниот период 2023-2025 биле дистрибуирани 44.659 кубни метри огревно дрво или просечно, 14 886 кубици годишно.

    За надминување на состојбата, од „Геосфера“ предлагаат законски измени: набавка на влагомери и воведување задолжително мерење пред секоја испорака, резултатите да бидат достапни за купувачот, продолжување на периодот на складирање, дрвото да се суши барем 12-18 месеци и изградба на покриени складишта. Во Законот за шуми да се додаде нов член за квалитет и декларирање на огревно дрво. Трговците јасно и недвосмислено да го означат степенот на влажност на дрвото, класифицирано како суво со влажност до 20% и полусуво од 21% до 25%. Во зимскиот период да се забрани продажба и дистрибуција на огревно дрво со влажност поголема од 20 проценти во урбани подрачја. Максимална дозволена влажност за продажба да е до 25 отсто.

     Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира