Иако се наоѓа под Шар Планина, Тетово со години има проблеми со снабдување со вода за пиење. Повеќечасовните рестрикции на водата за пиење во летниот, а и во зимскиот период беа секојдневие на тетовци. За разлика од минатите години, исклучително дождливата пролет, а исто така и дождливиот јули, придонесоа во овој период од годината шарските изори да изобилуваат со вода како никогаш до сега. Но, иако градските резервари се полни со вода, повремено се случува чешмите на тетовци да секнат пред се поради честите дефекти на водоводната мрежа.
„Состојбата со водоснабдувањето на градот со вода засега е добра. Во овој момент во градските резервoари доаѓаат дури 450 литри вода во секунда што одамна не се случило. Обично во овој период доаѓале од 380 до 400 литри вода во секунда. Јас очекувам, според моето долгогодишно искуство, барем до 20 август да нема посериозни проблеми со водоснабдувањето. Сепак ова не значи дека нема проблеми, напротив, нашите служби секојдневно интервенираат на водоводната мрежа поради честите дефекти. Во просек имаме по два дефекти дневно, но има денови кога имаме и повеќе интервенции. Сето ова е поради старата и дотраена водоводна мрежа во поголемиот дел од градот. Состојбата со водоводната мрежа во градот е многу лоша. Најмногу проблеми ни прават старите поцинкувани и самонитни водоводни цевки. Тие се стари неколку децении и веќе се истрошени, полни со дупки и често пати пукаат посебно на спојките. Околу 40 отсто од водоводната мрежа во градот е со вакви цевки иако тие одамна требаа да бидат заменети, не само поради лошиот квалитет, туку и од здравствени причини. Можеби звучи малку апсурдно, но најстарите водоводни цевки, оние кои се направени од гус, се најквалитетни и најдобро функционираат во водоводната мрежа“, вели Самедин Абедини раководител на единицата за водовод и канализација при ЈКП Тетово.
Поради честите дефекти и интервенциите на нив, повремено доаѓа и до заматување на водата за пиење во реоните на градот каде се врши интервенцијата. Од Центарот за јавно здравје во Тетово, во чија акредитирана лабораторија се врши секојдневен мониторинг на квалитетот на водата за пиење во градот, велат дека тетовци пијат чиста и квалитетна вода.
„Квалитетот на водата за пиење која доаѓа во градскиот резервоар и во градската водовдна мрежа е со одличен квалитет. Ние правиме секојдневни контроли на нејзините физичко хемиски и микробиолошки параметри и одговорно трвдам дека тетовци пијат квалитетна вода до нивните пластични резервари од хидрофорите. Понекогаш се случува заматувањето на водата во одделни реони од градот. Тоа доаѓа поради пукање на водоводните цевки од преголемиот притисок и при интервециите на нив. Тогаш може да се случи да дојде до заматување на водата бидејќи може земја или кал да навлезе во цевката, но ова е од краткорочен карактер. Потребно е само да се остават чешмите отворени и да истече заматената вода. Има граѓани кои се жалат на квалитетот на водата. Според наши сознанија најчесто тоа е поради негрижа и нечистење на резервоарите за вода од домашните хидрофори. Овие резервари мора редовно да се одржуваат и да се дезинфицираат што за жал малку граѓани тоа редовно го прават“, вели д-р Ратко Давидовски, раководител на одделение за хигиена и здравствена екологија при Центар за јавно здравје.
Доктор Давидовски исто така вели дека за градот постојано да има квалитетна вода за пиење потребно е целата водоводна мрежа да биде еднородна, односно да биде изградена од еден вид квалитетни и безбедни цевки.
Според некои проценки направени од ЈКП Тетово, голем дел од водата, некаде до 40 проценти не доаѓа до корисниците туку истекува во земјата токму поради старата и дотраена водоводна мрежа.
Градоначалничката на Општина Тетово Теута Арифи најави дека една од наредните големи инвестиции кои треба да се направат во нејзиниот втор мандат е токму изградбата за нова водоводна мрежа во градот. Од службата за односи со јавности информираа дека Општина Тетово заедно со општините Струмица и Прилеп преки ИПА програмата добиле 33 милиони евра, но за изградба на фекална канализација.
„Водоводната мрежа во Тетово е навистина во лоша состојба. Изградба на нова водоводна мрежа во градот е наша дамнешна желба, но и потреба. Тоа е навистина голем проект и бара големи финансиски средства. Според моите информации во тек се разговори за нивно обезбедување преку ИПА програмата. За градот и за нас би било идеално кога заедно би се реконстурирале и канализационата и водоводната мрежа“, изјави директорот на ЈКП Тетово Џелал Цека.
Тетовци, според сегашната состојба, ќе немаат посериозни проблеми со недостаток од вода за пиење барем до средината од август. Со изградбата на новиод цевковод со кој се зафатија водите од Лешница на Шар Планина и кој се користи во периодите кога се намалува издашноста на шарските извори, донекаде се стабилизира водоснабдувањето во градот во сушниот период. Сепак, вистинското решение за снабдувањето со вода за пиење во градот се гледа во целосната реконструкција на градската водоводна мрежа.
З. АНДОНОВ