Дел од матурантите во Куманово денеска ја бојкотираа онлајн наставата. Од Секторот за образование при Општина Куманово, велат дека на настава не се вклучиле матурантите од гимназиите „Гоце Делчев“ и „Сами Фрашери“, во Техничкото училиште „Наце Буѓони“ сите матуранти на македонски јазик и дел од албанските паралелки. Матурантите од средните училишта „Перо Наков“ и „Киро Бурназ“ посетуваа редовна настава.
Филип Трајковски, матурант и претседател на ученичкиот парламент во гимназијата „Гоце Делчев“, вели дека од утре ќе им се придружат и матурантите од економското училиште „Перо Наков“, а во контакт се и со другите училишта од кои очекуваат поддршка.
„Бараме да се скратат предметите за полагање од четири на два. Да се полага мајчин јазик и уште еден предмет којшто ќе ни треба за упис на факултет. Немаме ние ништо против професорите, единствено гледаме дека образовниот систем пропаѓа и затоа бараме промени. Бојкотот ќе остане и во наредните денови се додека не оствариме средба со министерката“, вели Трајковски.
Бојкот е поддржан од Сојузот на средношколци на Македонија.
С. НИКОЛИЌ