ДЕЛОВНИОТ ПРОСТОР ОД ПОКРИЕНИОТ ПАЗАР ВО ВЕЛЕС ДА СЕ ИЗНАЈМУВА, ПРЕДЛАГА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КОЛЕВ

    ДЕЛОВНИОТ ПРОСТОР ОД ПОКРИЕНИОТ ПАЗАР ВО ВЕЛЕС ДА СЕ ИЗНАЈМУВА, ПРЕДЛАГА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КОЛЕВВо покриениот дел од пазарот има 19 дуќани (Фото: СДК.МК)

    Уште не е одлучено што ќе се прави со деловниот простор во новизградениот покриен пазар во Велес, дали ќе се изнајмува или ќе се продава.

    Помина една година од изградбата и остануваат уште две од грејс перидот за почеток на исплата на кредитот. Градоначалникот Марко Колев вели дека останува на неговиот став деловниот простор да се изнајмува. Постапката треба да заврши до крајот на годинава, а советниците ќе го имаат последниот збор и тие треба да гласаат за предлогот на градоначалникот.

    „Познато е дека имавме проблеми и со првиот и со вториот изведувач на покриениот градски пазар. Едниот беше казнет со 1,8 милиони денари а вториот со 5 милиони денари поради доцнењето на изградбата. Со оваа казна се разнишаа односите помеѓу нив и Општината, мислеа дека нема да бидат казнети. За да може деловниот простор да се понуди за продажба или изнајмување беше потребна проценка. Изведувачите ја одолговлекуваа постапката и не можеше да се изработи проект на изведена состојба, но деновиве конечно заврши. До крајот на годинава ќе заврши постапката за издавање на деловниот простор. Јас како градоначалник сметам дека така е најдобро, во следните 10 години да се прибираат средства од киријата, што ќе се користат за исплаќање на кредитот. Кога ќе заврши исплатата, тука во Советот ќе има некои други луѓе и тие потоа нека одлучат дали ќе продаваат или ќе изнајмуваат. Не е во интерес општината да продава нејзин имот. За деловниот простор има интерес, и за купување и за изнајмување. Од продажбата ќе има еднократен финансиски приход. Наскоро ќе има соодветна одлука од Советот“, кажа Колев.

    Кредитот подигнат од Светска банка е во висина од 30 милиони денари, со три години грејс период и рок на исплата од 10 години. Во покриениот дел од пазарот има 19 дуќани.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира