Депонијата кај салата „Борис Трајковски“ која беше запалена во април 2019 година, ќе стане парк. Град Скопје заедно со ЈП „Паркови и зеленило“ работат на проект овој простор кој со години е претворен во депонија да се уреди во парк, со зелени површини, високо квалитетни садници и дрвја, детски и спортски игралишта.
„Сакаме паркот да има содржина на пример да биде поделен според видот на зеленилото и растенија, на пример дел со магнолија, градина на рози. За да биде привлечен за посетителите ќе изведеме и други рекреативни содржини, како игралишта, летна сцена, летниковци и клупи. За да добиеме повеќе квалитетни идеи ќе распишеме конкурс за идејно решение. Очекувам во мај да почнеме со расчистување и уредување на просторот. Станува збор за голема површина од околу 100.000 метри квадратни“, вели директорот на ЈП „Паркови и зеленило“ Ардијан Муча.
Муча вели дека во моментов го прават планот за подигнување на нови зелени површини низ Скопје. Побарано е од сите градоначалници на скопските општини да предложат приоритетни локации кои ќе се уредат оваа година во паркови.
„Како и лани и оваа година ќе набавиме садници и дрвја за уредување на повеќе микролокации низ градот. За прв пат во Општина Аеродром ќе биде изведен парк за лица со посебни потребни. Тоа вклучува реквизити кои можат да ги користат овие деца, специјални подлоги и пристап до паркот“, вели директорот Муча.
Годинава ЈП „Паркови и зеленило“ за подигнување на зелени површини и паркови од буџетот на Град Скопје доби околу 2, 7 милиони евра што е двојно повеќе пари кои се одвоени за оваа намена за разлика од минатите години.
Лани Град Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“ во парк го претворија запуштениот простор зад зградата на Филхармонија.
А. АНТЕВСКА