ДЕПОНИЈАТА КАЈ „БОРИС ТРАЈКОВСКИ“ Е ПОТПАЛЕНА НАМЕРНО, НА ПЕТ-ШЕСТ МЕСТА ИСТОВРЕМЕНО, ВЕЛИ КОМАНДАНТОТ НА ПОЖАРНА СИМОНОВСКИ

    ДЕПОНИЈАТА КАЈ „БОРИС ТРАЈКОВСКИ“ Е ПОТПАЛЕНА НАМЕРНО, НА ПЕТ-ШЕСТ МЕСТА ИСТОВРЕМЕНО, ВЕЛИ КОМАНДАНТОТ НА ПОЖАРНА СИМОНОВСКИПовеќе од шест часа пожаникарите не можат да го изгаснат пожарот за кој велат дека е намерно подметнат од неколку места истовремено, но го држат под контрола недалеку од станбените објекти во Карпош и две приватни и една државна болница.(Фото: Ѓ. Личовски)

    Депонијата на  кејот на реката Вардар кај салата „Борис Трајковски“ во Скопје е намерно запалена, вели командантот на Бригадата за противпожарна заштита Владимир Симоновски.

    И после 6 часа од избувнувањето на пожарот тој сѐ уште не е изгаснат. Пожарникарите и вечерва се на депонијата и го гаснат огнот. Целата област од приватната болница Аџибадем Систина, па до Карпош 3 и Карпош 4 околу хотелот „Александар палас“ и градската болница „8 Септември“ и вечерва е во чад.

    „Не знаеме до кога ќе го гасиме, сигурно до доцна ноќва. Тврдам дека е намерно запалена депонијата. Од досегашното искуство што го имаме на пожари, ова не е случај на невнимание или случајно запалено ѓубре. Пожарот е подметнат на пет-шест места и одеднаш од секаде, од сите страни на депонијата избувна. Тоа не е од невнимание туку некој сакал тука да има пожар. Ја држиме состојбата под контрола, нема простор за опасност и паника“, вели командантот на скопската Пожарна Владимир Симоновски.

    „Од досегашното искуство што го имаме на пожари, ова не е случај на невнимание или случајно запалено ѓубре. Пожарот е подметнат на пет-шест места и одеднаш од сегде, од сите страни на депонијата избувна., вели командантот на скопската Пожарна Симоновски. (Фото: Ѓ. Личовски)

    На депонијата која се таложела со години има секаков вид ѓубре, но најмногу кабаст отпад, затоа се шири црн и густ чад, објаснуваат од Пожарна.

    Во првите три месеци од годината речиси тројно е зголемен бројот на пожари на отворено во скопскиот регион. Бригадата за противпожарна заштита на Скопје од први јануари до 18 март интервенирала на 545 пожари. Најмногу од интервенциите биле запaлена сува трева. За разлика од оваа година, лани во првите три месеци бројот на пожари на отворено бил 220.

    Од почетокот на годинава за подметнување пожари уапсени се 9 лица. Последното лице беше уапсено вчера во село Врбоец, Крушевско и му беше одредена мерка домашен притвор во рок од 30 дена.

    Според истражувањето на Призма, ниту една пресуда не може да се најде во онлајн-архивата на судски одлуки за кривичното дело Предизвикување шумски пожар, според членот 227 од Кривичниот законик (КЗ). Дел од оние што биле фатени како потпалуваат биле осудени за делото Предизвикување општа опасност, според членот 288 од КЗ. За ова дело доби кривична пријава и 19-годишното момче од Врбоец, кое било фатено како подметнува пожар во дабова и во букова шума. Меѓу двете кривични дела има голема разлика во затворските казни. За Предизвикувањето општа опасност казната е од шест месеци до пет години, а ако потпалувањето било од небрежност, можно е да се помине и само со парична казна. За делото Предизвикување шумски пожар, е предвидено затворска казна од најмалку осум години, а дури и да е небрежност, казната е најмалку три години.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари