ДЕСЕТ ГОДИНИ СЕ ГРАДАТ ХОТЕЛОТ И ОФИЦЕРСКИОТ ДОМ НА ПЛОШТАДОТ ВО СКОПЈЕ, ПО СУДСКИОТ СПОР САМСОНЕНКО ОСТАНУВА ГАЗДА СО РОК ЗА ГРАДБА ДО 2023

    ДЕСЕТ ГОДИНИ СЕ ГРАДАТ ХОТЕЛОТ И ОФИЦЕРСКИОТ ДОМ НА ПЛОШТАДОТ ВО СКОПЈЕ, ПО СУДСКИОТ СПОР САМСОНЕНКО ОСТАНУВА ГАЗДА СО РОК ЗА ГРАДБА ДО 2023Ако до 2023 објектите не бидат изградени тогаш Општина Центар има право да почне постапка за раскинување на договорот. (Фото: К. Попов)

    Десет години се градат хотелот и Офицерскиот дом на Плоштадот Македонија. Во срцето на Скопје уште зјаат недоградени овие две згради, заградени со тараби и со расфрлени градежни материјали околу нив. Иако станува збор за една од најатрактивните локации во центарот на Скопје, веќе неколку години на терен нема никакви градежни активности. Зградите го нагрдуваат строгиот центар на градот, а кога беше посетата на папата Фрањо во мај 2019 беа покриени со платно.

    Од Општина Центар за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека според договорот, рок за изградба на двата објекта е до август 2023.

    „Доколку во овој рок не бидат изградени, тогаш Општината има право да почне постапка за раскинување на договорот“, велат од Општина Центар.

    Од таму велат дека газда на земјиштето и објектите останува Сергеј Самсоненко откако пред една година беше отворена судска постапка за стечај. Спорот кој го покрена еден од изведувачите на објектите поради неисплатени побарувања го добил Самсоненко, односно судот не прогласил стечај, што значи дека тој останува сопственик.

    Но, и по завршување на судскиот спор на терен нема никакви градежни работи. Објектите се во фаза на карабина.

    Хотелот „Мериот кортјард” и Офицерскиот дом кој треба да биде резиденцијален кабинет на градоначалникот на Скопје и да има матична служба, почна да го гради грчкиот бизнисмен Димитрис Кондоминас во 2011. Тогашната влада на Никола Груевски преку Министерството за транспорт и врски му го продаде ова атрактивно земјиште со површина од 6.300 метри квадратни по багателна цена од 100 евра по квадрат. Но, откако Кондаминас во 2015 беше уапсен во Грција поради затајување данок, проектот го презема Сергеј Самсоненко кој ја купува фирмата на грчкиот бизнисмен за 600.000 евра.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира