Седум големи болници и десетици помали болници и амбуланти се загреваат на мазут, покажува мапата на загадувачи која ја изработи граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“. Меѓу загадувачите се болници во Прилеп, Битола, Гостивар, Куманово, Гевгелија, Демир Хисар, како и Клиниката за физикална медицина и рехабилитација во Скопје. Овие седум болници трошат по 1.520 тони мазут годишно.
Откако министерот за здравство Фатмир Маџити најави построги мерки за пушачите, од „Шанса за Центар“ побараа преземе мерки и за менување на начинот на греење на болниците кои загадуваат.
„Да ве потсетиме дека под ваша надлежност се 7 големи болници по нашите градови кои секоја зима за да се загреат трошат околу 1520 тони мазут. Имате и десетици други болници и амбуланти кои се загреваат на нафта за греење. Овие токсични испарувања ги дишат сите наши сограѓани и тие ги разболуваат. Преземете строги мерки за пушењето, но и сменете го начинот на загревање на овие болници“, велат од „Шанса за Центар“.
Околу 700 јавни објекти низ државата се загадувачи бидејќи се греат на нафта и мазут, покажува мапата која ја направи граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“. Во Скопје 100 јавни објекти, односно болници, градинки, училишта, касарни, судови и други установи, користат нафта и мазут и покрај тоа што градот има централно парно греење. Скопје води, но во незавидна положба се и граѓаните во Тетово, Куманово, Битола, Прилеп, Охрид, Штип, Гостивар.
А. АНТЕВСКА