ДЕСЕТИЦИ СВИЊИ НА ГОЗБА ВО ДЕПОНИЈАТА МЕГЛЕНЦИ, ОД „КОМУНАЛЕЦ“ ВЕЛАТ СВИЊИ НЕМА ВО РАБОТНО ВРЕМЕ

ДЕСЕТИЦИ СВИЊИ НА ГОЗБА ВО ДЕПОНИЈАТА МЕГЛЕНЦИ, ОД „КОМУНАЛЕЦ“ ВЕЛАТ СВИЊИ НЕМА ВО РАБОТНО ВРЕМЕСвињите кои се хранат на депонијата Мегленци, каде се збира ѓубрето од општините Битола, Могила и Новаци, очигледно се од околните села Арамтуш и Мегленци, па самите го знаат патот до депонија и назад и тука доаѓаат со години (Фото: Ѓ. Личовски)

Десетици свињи навртени врз комуналниот отпад во депонијата Магленци крај РЕК Битола лапаат како да се на вкусна трпеза. Наместо по кочини, стопаните ги пуштиле да се хранат на депонија каде се збира ѓубрето од општините Битола, Могила и Новаци. Со рилките претураа по кесите со отпадоци и џвакаа од сметот. Крај нив се провираат собирачи на пластика кои со ракавици буричкаат по ридовите ѓубре, а потоа шишињата натоварени во кеси поголеми од самите нив, ги редат во возило кое наликува на старо желозо. Околу стадо кучки, дел дошле со збирачите на пластика, дел со свињите и тие да го наполнат стомакот со отпадоци. Над нив летаат птици, а во позадина чади РЕК.

Крај свињите се провираат собирачи на пластика кои со ракавици буричкаат по ридовите ѓубре (Фото: Ѓ. Личовски)

Ваква слика затекна репортерската екипа на СДК.МК на битолската несанитарна депонија Мегленци.

„Свињите нам ни се пријатели. Немаме проблем со нив. Тие си бараат храна, а пластката што ја збираме ние, ним не им е на менито“, велат собирачите на шишиња.

Додека едни собираат, други палат смет за да се стоплат на студеното време.

На прашањето чии се свињите, не добивме прецизен одговор. Жителите од овој крај со шепотење велат дека во Мегленци има двајца одгледувачи и дека прасињата ги продаваат во Прилепско. Во Битола со години нема кланица, па прасињата не се колат таму (Фото: Ѓ. Личовски)

„Ова е црно ѓубре, а го продаваме за да купиме парче бел леб. Немаме друг начин да заработиме. Пластиката што ја збираме тука ќе ја продадеме на некој отпаден центар. Кога стомакот ви вие за храна, издржлива е и смрдеата. Зарази не нѐ фаќаат, имуни станавме“, раскажува една од девојките собирачи.

Стопанот на прасињата го немаше. Очигледно се од околните села Арамтуш и Мегленци, па самите го знаат патот до депонија и назад. Прасињата тука доаѓаат со години. Прашањето што загрижува е на чија трпеза потоа завршува ваквото свинско место?

Од Јавното претпријатие „Комуналец“ велат дека во работно време од седум до 14 часот, кога има вработени на депонија, нема свињи и диви собирачи на пластика. Ако влезат, тоа е попладне или предвечер кога останува само еден стражар кој не може сам да дочува површина од шест хектари (Фото: Ѓ. Личовски)

Загаденоста и лошите услови за живот придонеле во двете села да останат уште шеесетина постојани жители. Повеќето се иселиле, а малкумина јавно зборуваат за проблемот.

„Дивеч се собира на депонија, претежно волци. Потоа, наутро напаѓаат по стоката. И сега има доста свињи на депонијата. Тие се од Мегленци“, вели Митат Халимовски од село Арматуш.

На прашањето чии се свињите, не добивме прецизен одговор. Жителите од овој крај со шепотење велат дека во Мегленци има двајца одгледувачи и дека прасињата ги продаваат во Прилепско. Во Битола со години нема кланица, па прасињата не се колат таму.

„Ова е црно ѓубре, а го продаваме за да купиме парче бел леб. Немаме друг начин да заработиме. Пластиката што ја збираме тука ќе ја продадеме на некој отпаден центар. Кога стомакот ви вие за храна, издржлива е и смрдеата. Зарази не нѐ фаќаат, имуни станавме“, раскажува една од девојките собирачи (Фото: Ѓ. Личовски)

Од Јавното претпријатие „Комуналец“ велат дека во работно време од седум до 14 часот, кога има вработени на депонија, нема свињи и диви собирачи на пластика. Ако влезат, тоа е попладне или предвечер кога останува само еден стражар кој не може сам да дочува површина од шест хектари.

„Во работно време, никој не им дозволува да влезат и воопшто нема таква појава. Знаат и тие што ги пуштаат свињите дека не смее тоа да биде. Кога нема друг човек освен стражарот, а стражари на шест хектри површина, не може да доварди. Минуваат и лисици, волци, кучиња и други животни. Најголемиот дел од депонијата е ограден, тие шест хектари, но тие се животни ќе најдат начин да пробијат и влезат. Комуналец нема вина, напротив коректно работи. Но, однесувањето на некои несовесни лица не можеме да го спречиме“, вели директорот Панде Богоевски.

Тој додава дека со години случаите на упади во депонијата ги пријавуваат во СВР Битола, но се повторуваат.

„Полицијата повеќепати троши гориво за да оди да ги избрка од депонија. Ќе ги избрка, другиот ден пак ќе се вратат“, додава Богоевски.

Решение за проблемот лежи во изградба на регионална депонија, чија вкупна вредност ќе биде 40 милиони евра. Од локалната власт пред неколку месеци изјавија дека секоја од општините треба да партиципира со соодветен износ на средства, што за Општина Битола изнесува 4,4 милиони евра, а Владата на себе ја презеде обврската да го финансира целокупниот дел. Ваквата депонија ќе има големо влијание за заштита на животната средина. Но, прецизен рок за изградба на регионална депонија нема.

Ж. ЗДРАВКОВСКА

 

 

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира