ДЕЦАТА САМИ ИЗРАЗИЛЕ ЖЕЛБА ДА МУ ПЕАТ ЦРКОВНИ ПЕСНИ НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ОПШТИНА ЦЕНТАР, СООПШТИ ОПШТИНАТА

    ДЕЦАТА САМИ ИЗРАЗИЛЕ ЖЕЛБА ДА МУ ПЕАТ ЦРКОВНИ ПЕСНИ НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ОПШТИНА ЦЕНТАР, СООПШТИ ОПШТИНАТАДеца самоорганизирани му пејат црковни песни на социјалдемократскиот градоначалник во кругот на општината (Фото: општина Центар)

    Децата кои на Бадник пееја верски песни пред градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ дошле пред Општината по своја желба.

    „Деца, кои сами изразиле желба, дојдоа пред Општината и испеаја Бадникова песна“, соопшти службата за информирање на Општината која извести и дека градоначалникот присуствувал на бадникарската прослава во Соборниот храм „Св. Климент Охридски“. Тој го честиташе Божик со зборовите: „Само треба да се фатиме за работа и луѓето да гледаат само на убави работи. Доста беше бавење со политика, ние ќе се занимаваме со нашата работа, а тоа е да направиме што е можно подобри денови за нашите граѓани“.

    Претходната вечер градоначалникот Богдановиќ беше на палењето оган и кршење леб со паричка во скопската населба Маџир Маало.

    Драги Змијанац, извршен директор на Прва детска амбасада во светот ,,Меѓаши“, реагираше за злоупотребата на деца во црковните процесии организирани од новоформираното здружение ,,Бадникови поворки“.

    Тој во изјава за порталот АКО.МК изјави дека станува збор за многу опасна и тендециозна идеја на „политичка злоупотреба на деца преку верски традиции од страна на актуелната власт и нивно користење за себепромоција“.

    Градоначалникот Богдановиќ во петокот во Маџир маало беше учесник на манифестацијата палење Бадникарски оган и вртење лепче со паричка (Фото: Ѓ. Личовски)

    Змијанац вели: „Погледнете ја црковната процесија во Скопје за т.н. Бадникови поворки, во која беа инволвирани над 7.000 деца и сè ќе биде јасно“.

    И службата за информирање на трговскиот центар Сити мол соопшти дека околу 300 деца од основните училишта во скопските општини Карпош и Ѓорче Петров дошле пред трговскиот центар и ја пееле песната „Вечниот бог“.

    Градоначалникот на Општина Прилеп, Илија Јованоски одби да ја користи Општината за ,,Бадникови поворки“ и ниту ги прими коледарите во општинскиот двор, ниту учествуваше во организацијата.

    ,,Новата локална власт на општина Прилеп е почитувач на традициите на своите сограѓани. А, семејството на градоначалникот Илија Јованоски не се иззема од богатството на културни и верски традиции што ги негуваат граѓаните. Но, поаѓајќи од уставната секуларност, и Општина Прилеп и градоначалникот Јованоски практицираат хабитус, којшто не се храни со популистички манири. Традицијата треба да се култивира, а не да се примитивизира. Згора, верските традиции ги остава на МПЦ како институција и на граѓаните коишто во своите домови, во интимна атмосфера со најблиските ќе го изберат најдобриот начин како ќе ги чествуваат овие христијански празници и како ќе ги практицираат обичаите. Среќни новогодишни и божикни празници на сите граѓани на Македонија!“, изјави кабинетот на градоначалникот на Прилеп за порталот АКО.МК.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира