ДЕВЕТ ЗГРАДИ МЕЃУ КОИ И ЕДНА 12-КАТНИЦА ЌЕ СЕ ГРАДАТ ВО СКОПСКАТА НАСЕЛБАТА ЛИСИЧЕ КОЈА СЕГА Е САМО СО КУЌИ

    ДЕВЕТ ЗГРАДИ МЕЃУ КОИ И ЕДНА 12-КАТНИЦА ЌЕ СЕ ГРАДАТ ВО СКОПСКАТА НАСЕЛБАТА ЛИСИЧЕ КОЈА СЕГА Е САМО СО КУЌИДолж булеварот Србија, на просторот каде сега нема објекти туку само еден автоплац за продажба на коли, има маркички за четири големи згради. (Фото: СДК.МК)

    Девет згради се предвидува да се градат во населбата Лисиче со новиот Детален урбанистички план ЈИ09 блок 09.01. Жителите на населбата се против планот и бараат Општина Аеродром и градоначалникот Тимчо Муцунски да го повлечат. Велат дека не сакаат бетонизација на населбата која е само со куќи и испланирана за индивидуално домување.

    „Лисиче е најзагадена општина во Скопје, и сега со новиот план околу нашите куќи се цртаат висококатници. Ќе бидиме затворени со бетонски ѕид и целосно ќе се оневозможи протокот на воздух. Предлог-планот беше нетранспарентно објевен. За јавната презентација не знаеше никој, а дека во тек е јавна анкета дознавме неколку дена пред нејзиното завршување“, вели Тодор Коцаров, жител на населбата Лисиче.

    Јавната анкета заврши вчера, а според информациите од Општина Аеродром, поднесени се околу 150 анкетни листови, што според нив покажува дека не се точни тврдењата на жителите дека постапката е водена нетранспарентно.

    САКАМДАКАЖАМ.МК беше во Општина Аеродром на увид на планот, за кој надлежните рекоа дека постапката била почната уште од времето на ексградоначалникот Златко Марин. Планот се прави на барање на граѓаните, односно на сопственците на земјиштето долж булеварот Србија каде всушност се нацртани и висококатниците.

    Според предлог-планот, долж булеварот Србија на просторот каде сега нема објекти туку само еден автоплац за продажба на коли, има маркички за четири големи згради. Три се осумкатници со приземје, 6 ката и поткровје, а зградата на ќошот меѓу булевар Србија и улицата 12. Македонска бригада е 12-катници со приземје, 10 ката и поткровје.

    „Барањето за носењето на планот е од сопствениците на овие парцели. Тоа сега е неуреден простор и развој Општината може да гледа само во овој дел. Она што никој не кажува е дека веднаш до овие згради предвидовме голем парк, односно зелена површина меѓу зградите и куќите“, велат од Општина Аеродром.

    Пет згради се предвидени и долж улицата 12. Македонска бригада, со што на сопствениците на куќите на овој потег им се дозволува да можат да градат згради од приземје, 4 ката и поткровје.

    „Со планот 95 отсто од намените остануваат исти, односно домување во индивидуални куќи. Згради се нацртани само на булеварот Србија и пет куќи на 12. Макеоднска бригада добиваат намена А2. Тоа мораше да се направи за да бидеме во согласнот со Генералниот урбанистички план (ГУП). Според постојната состојба, бројката на изградени куќи за индивидуално домување е поголема од онаа што ја предвидува ГУП-от. Овие се веќе големи и убави куќи и не веруваме дека сопственците ќе градат згради. Не се чепка од зеленилото и патеките пред куќите“, велат од Општина Аеродром.

    Граѓаните го оспоруваат планот и поради тоа што им се зема од дворните места за пробивање улици. Од Општината велат дека главно станува збор за постојните улици, но според новите законски измени за градба, минималната ширина на улиците треба да е 5,5 метри, а не 3,5 метри како што беше досега. Велат дека новиот план мора да се нацрта според законските одредби, но тоа не значи дека сите улици ќе бидат изведени.

    Од Општина Аеродром велат дека во наредниот период ќе се разгледуваат анкетните листови на граѓаните, а ќе им бидат прифатени барањата на сите оние кои имаат издржани аргументи.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира