Директорите на ЈП „Градски паркинг“ Бојан Христовски и на депонијата „Дрисла“ Јане Мицевски кадри на ВМРО-ДПМНЕ денеска си поднесоа оставки од функциите. Оставките следуваат откако Арсовска вчера од функција го разреши в.д. директорот на „Водовод“ Златко Перински, поранешен шеф на кабинет на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, оти се сомневала дека го мести тендерот за пречистителна станица.
Како што наведуваат во нивните фејсбук статуси си заминуваат од функциите оти градоначалничката Данела Арсовска била незаинтересирана за Град Скопје, не била достапна за нив, не можеле да реализираат многу проекти и таа повеќе се бавела со хајки и пресметки отколку со Градот.
„Малку или воопшто не се посветува внимание на она што беше ветено пред граѓаните за модерно Скопје, и јас како поединец и покрај бројните резултати за кус период не сакам да бидам дел од систем каде приоритет не се нашите цели и проекти, и каде нема поддршка од Градот ниту пак има нормална комуникација со градоначалникот. Затоа поради незаинтересираноста на првиот човек на градот за потребите на скопјани и градски паркинзи, како и поради драстично намалената поддршка на проектите кои со сопствени средства ги реализираме денес, поднесувам неотповиклива оставка од функцијата“, вели Бојан Христовски кој 8 месеци беше на позицијата в.д. директор на ЈП „Градски паркинг“.
Досегашниот директор на „Дрисла“ Јане Мицевски вели дека воопшто немал соработка со Арсовска изминативе 9 месеци.
„Секој индивидуален успех на било кое претпријатие не е целосен доколку истото не добие поткрепа од колективитетот во кој Дрисла мора да функционира, а тоа е Градот и нејзиниот прв човек. Морам да го истакнам немањето на координација и достапност со градоначалничката Арсовска и покрај бројните мои обиди тоа да биде сменето. Во такви едни услови сметам дека првенствена задача за еден градоначалник не смее да биде личната пресметка и хајка кон поединци, каква што видовме вчера, туку посветување на приоритетите и проектите кои се основна задача. Дополнително Дрисла се соочува со сериозен проблем поради сметките за струја кои се сериозен удар на претпријатието, а за жал до сега претпријатието нема никаква поддршка од Градот Скопје“, вели Мицевски.
Откако директорите објавија дека си поднеле оставки Арсовска напиша статус на фејсбук во кој вели дека таа им рекла да си дадат оставки или ќе бидат разрешени оти несоодветно работеле, неиспорачување резултати и ги почитувале насоките на Градот.
А. АНТЕВСКА