ДИВАТА СТРУШКА ДЕПОНИЈА Е ДЕЛ ОД ПОЛИТИЧКИ ПРЕСМЕТКИ, ПРЕДИЗБОРНО ЗАСИЛЕНО ЧАДИ ЗА ДА СЕ ДОКАЖЕ КОЈ КОЛКУ Е НЕСПОСОБЕН, ВЕЛИ АДВОКАТОТ ЌАТОСКИ КОЈ ТУЖИ ВО СТРАЗБУР

    ДИВАТА СТРУШКА ДЕПОНИЈА Е ДЕЛ ОД ПОЛИТИЧКИ ПРЕСМЕТКИ, ПРЕДИЗБОРНО ЗАСИЛЕНО ЧАДИ ЗА ДА СЕ ДОКАЖЕ КОЈ КОЛКУ Е НЕСПОСОБЕН, ВЕЛИ АДВОКАТОТ ЌАТОСКИ КОЈ ТУЖИ ВО СТРАЗБУРДепонијата, оддалечена на околу 500 метри од првите куќи на градот како и од речното корито на реката Црн Дрим и нецели 2.000 метри воздушна линија од Охридското Езеро, постојано гори, а миризбата од чадот се чуствува во градот и е еколошка закана во регионот кој е под заштита на УНЕСКО. (Фото: СДК.МК)

    „Дивата струшка депонија предизборно засилено чади. Палежите се скоро секојдневни секогаш кога има избори. Политички пресметки за да докажат кој колку е неспособен, но за жал, сето тоа за сметка на здравјето на граѓаните“, вели адвокатот Глигорие Ќатоски кој е еден од поднесителите на апликацијата до Европскиот суд за човекови права во Стразбур, откако Основниот суд во Струга ја отфрли тужбата, а Апелациониот суд во Битола ја одби жалбата поднесена во врска со депонијата.

    На струшката дива депонија, на површина од повеќе од 28.000 метри квадратни, се одлага отпад од 2006 година. Денес таа е висока повеќе од 18 метри и вкопана во длабочина од околу 10 метри.

    Со апликацијата се бара утврдување на повреда на правото на пристап до суд, повреда на правото на приватен и семеен живот и повреда на правото на ефективен правен лек.

    На струшката дива депонија, на површина од повеќе од 28.000 метри квадратни, се одлага отпад од 2006 година. Денес таа е висока повеќе од 18 метри и вкопана во длабочина од околу 10 метри. (Фото: СДК.МК)

    „Секоја вечер Струга мириса на запалена депонија! Дишеме отрови, а институциите молчат. Поднесовме писмена пријава до Општина Струга, Министерството за внатрешни работи и Државниот инспекторат за животна средина. Бараме под итно да бидеме известени за тоа кој е точно изворот на загадувањето, дали загадувањето е предизвикано од човечки фактор или атмосферски влијанија и кои конкретни мерки се планира да бидат преземени од надлежните“, додава Ќатоски.

    Ако Стразбур одлучи дека се прекршени правата наведени во апликацијата, тогаш ќе следи повторување на постапката пред домашните судови кои претходно се прогласија за ненадлежни.

    „Едно од правата на кои се повикуваме е право на пристап на суд и доколку се утврди повреда тоа ќе ни овозможи повторување на постапката пред домашните судови кои претходно ја отфрлија тужбата, со образложение дека решавањето на оваа проблематика не спаѓа во судска надлежност. По однос на другите права наведени во апликацијата, доколку се утврди повреда и за нив тогаш толкувањето на Судот во Стразбур ќе биде основ по кој ќе треба да одлучуваат домашните судови“, вели Ќатоски.

    Се очекува Европскиот суд за човекови права да донесе одлука напролет следната година.

    Додека судовите кај нас се прогласуваат за ненадлежни за заштита на човековите права во контекст на заштита на животната средина од диви депонии, искуството од судовите во регионот се сосема спротивно. Вишиот суд во Белград донесе пресуда во корист на граѓаните и заштитата на животната средина.

    „Во Србија имаме позитивно искуство, според одлуката на Вишиот суд во Белград за слична ситуација српските судови се огласиле за надлежни и имаат позитивно одлучено на барањето за заштита на животната средина“, вели Ќатоски.

    Струшката депонија претставува една од најопасните нестандардни, диви депонии во државата оти не е воспоставен систем за контрола на видот на отпадот кој се одлага. Депонијата, оддалечена на околу 500 метри од првите куќи на градот како и од речното корито на реката Црн Дрим и нецели 2.000 метри воздушна линија од Охридското Езеро, постојано гори, а миризбата од чадот се чуствува во градот. Таа денес претставува еколошка закана во регионот кој е под заштита на УНЕСКО.

    Според биолозите, дивите депонии се места каде природата е нарушена. Тие уништуваат живеалишта на растенијата и животните, а екосистемот станува нефункционален. Токсините од отпадот влијаат на сите, од ситните микроорганизми до поголемите животни, па дури и на луѓето.

    „Дивите депонии се постојан извор на загадување кое влијае врз воздухот, почвата, водата и храната што ја јадеме. Со текот на времето, токсините се собираат во околината и можат да предизвикаат здравствени проблеми, особено кај жените во репродуктивен период. Во отпадот често се присутни тешки метали како олово, кадмиум и живa, пестициди, фармацевтски остатоци и други опасни соединенија. Тие навлегуваат во почвата и водата, а преку храната или директен контакт влијаат на организмот. Оловото може да предизвика оштетување на нервниот систем и анемија, особено кај децата, додека кадмиумот и живата ги оштетуваат бубрезите и развојот на плодот. Диоксини и фурани, кои се ослободуваат при горење на отпадот, го нарушуваат хормоналниот систем и можат да предизвикаат рак“, вели биологот Ангела Тасеска.

    Таа кажува дека чадот и ситните честички од горењето на отпадот се вдишуваат и ги иритираат белите дробови, што долгорочно може да предизвика астма, бронхитис и срцеви проблеми. Токсините исто така влијаат врз репродуктивното здравје, го нарушуваат хормоналниот баланс и можат да предизвикаат намалена плодност, спонтани абортуси, предвремено породување или бебиња со пониска родилна тежина.

    „Процесите преку кои депониите влијаат врз организмот се различни, течностите од отпадот ја контаминираат почвата и водата, гасовите и чадот се вдишуваат, а токсините се акумулираат во растенијата и животните, па преку храната стигнуваат до човекот. Живеењето покрај вакви депонии предизвикува и психолошки последици, како чувство на стрес, анксиозност и незадоволство, а често ја намалува и довербата во институциите и мотивацијата за колективно делување“, додава Тасеска.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира