ДИВИОТ ПАРКИНГ ЗАД ФИЛХАРМОНИЈА СТАНА ПАРК ИБНИ ПАЈКО

    ДИВИОТ ПАРКИНГ ЗАД ФИЛХАРМОНИЈА СТАНА ПАРК ИБНИ ПАЈКОНовиот парк Ибни Пајко е со површина од околу 11.000 квадратни метри, со 7. 500 метри квадратни трева и 85 нови дрвја. (Фото: Град Скопје)

    Запуштениот простор и див паркинг зад зградата на Филхармонија стана парк. Новиот парк Ибни Пајко е со површина од околу 11.000  квадратни метри, со 7. 500 метри квадратни трева со прскалки и системи за наводнување кои работат на принципот „капка по капка“.

    При уредувањето на овој запуштен простор се зачувани затекнатите 12 дрвја кои постоеја на оваа локација, а засадени се нови 85 дрвја. Покрај подигнатото  зеленило, во паркот се изградени и пешачки патеки, сервисна улица збогатена со улична уметност, а на ѕидот на Средното музичко училиште нацртан е мурал.

    „Градот е особено  горд на фактот што за подигнувањето на паркот се потрошени точно 0 денари преку посебни јавни набавки. Зеленилото, патеките и урбаната опрема што ги гледате тука се одвоени од редовните програми на Градот и јавните градски претпријатија, а мал дел од нив се донација од општествено одговорни компании. Апелирам до граѓаните да не го уништуваат зеленилото“, кажа градоначалникот Петре Шилегов.

    Пристапите кон паркот се обезбедени со рампи за велосипеди и колички на сите негови влезови, а паркинзите за велосипеди и сервисната станица се поставени на осветлено место под видео надзор за подобра заштита. На патеката по должината на булеварот Гоце Делчев е засадена жива ограда за да го штити паркот од прашината и од бучавата на возилата.

    Од Град Скопје велат дека паркот ќе продолжи да се збогатува и со нови содржини. Оставен е простор за уредување на функционална летна сцена која ќе овозможи одржување на културни манифестации на отворено кои се покажа дека му недостигаат на градот.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира