ДИВИТЕ ТАКСИСТИ ОД ВЕЛЕС ПОБАРАА ДА РАБОТАТ СО ПАУШАЛ, МИНИСТЕРОТ СПАСОВСКИ ГО ОДБИ ПРЕДЛОГОТ

    ДИВИТЕ ТАКСИСТИ ОД ВЕЛЕС ПОБАРАА ДА РАБОТАТ СО ПАУШАЛ, МИНИСТЕРОТ СПАСОВСКИ ГО ОДБИ ПРЕДЛОГОТВо градот возат околу 110 такси возачи без соодветна документација, наспроти 130-те легални таксисти (Фото: СДК.МК)

    Нелегалните таксисти од Велес побараа и тие да бидат дел од сообраќајниот систем. На трибината „Во каков Велес сакаме да живееме“ тие за првпат во јавноста го објаснија нивното видување за решавање на проблемот. Проценките се дека во градот возат 110 такси возачи без соодветна документација, наспроти 130-те легални таксисти.

    „Ако сме нелегални, не сакаме никому да му го земеме лебот. Сакаме и ние да вадиме за живеачка. Но, власта никако да нè сослуша и нас. Затоа ја користам оваа прилика да побарам за нас да се воведе паушал систем. Велес не е Скопје, Битола или Прилеп, специфичен е и со секое излегување на улиците ги кршиме возилата. Одиме по 2-3 пати на сервис со автомобилите. Не бегаме од давачки, но да имаме олеснување, да не бараме работа“, кажа учесник на трибината.

    Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски го отфрли барањето.

    „Не постои категорија нелегален таксист. Или се легални или не постојат. Не можам да се сложам дека треба да се бара посебна категорија за Велес. Исти се улиците и за легалните таксисти и за сите други возачи. Државата не смее да толерира постоење нелегални такси возачи. Во собраниска процедура е нов закон за возила, кој ќе го регулира дополнително и такси превозот. Таксистите ќе имаат жолти регистарски таблички, како доказ дека ги платиле сите давачки. Новина е што и полицијата ќе ги контролира дали имаат документи, не локалната општинска инспекција. Секој сака ред во државата, не можеме да толерирале беззаконие“, кажа Спасовски.

    Градоначалникот Коцевски ги повика нелегалните такси возачи да дојдат во општината и поднесат документи, за да станат легални превозници. Тој најави дека ќе започнат да конфискуваат возила, што законите го дозволувале.

    П. ПЕЧКОВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари