ДИВОГРАДБАТА КАЈ МОМИН ПОТОК НЕ ВЛЕГУВА ВО ТРАСАТА НА КЛУЧКАТА, ВО КООРДИНАЦИЈА СМЕ СО ОПШТИНА КАРПОШ ДА СЕ УРНЕ, ВЕЛАТ ОД ГРАД СКОПЈЕ

    ДИВОГРАДБАТА КАЈ МОМИН ПОТОК НЕ ВЛЕГУВА ВО ТРАСАТА НА КЛУЧКАТА, ВО КООРДИНАЦИЈА СМЕ СО ОПШТИНА КАРПОШ ДА СЕ УРНЕ, ВЕЛАТ ОД ГРАД СКОПЈЕИнспекторат на Град Скопје ќе го казни сопственикот за отпадот со кој е затрупан просторот. (Фото: Ѓ.Личовски)

    Дивоградбата која неколку месеци се гради кај Момин поток не се наоѓа на трасата на клучката која Град Скопје почна да ја гради минатата недела, но како што велат од Градот објектот мора да се урне, а надлежна за тоа е Општина Карпош. Од Градот велат дека се во координација со Општината и дека нивниот Инспекторат ќе го казни сопственикот за отпадот со кој е затрупан просторот.

    „По укажувањата од терен, Инспекторатот на Град Скопје ги започна сите постапки, согласно нашите ингеренции. Најпрво стапи во контакт со инспекцијата од Општина Карпош во врска со предметната локација дивоградба, каде двата инспекторати договорија заеднички координиран надзор, а побарана е и асистенција од МВР за постапување. Градежниот инспекторат на Општина Карпош ќе постапи согласно своите овластувања околу дивоградбата, додека инспекторите за животна средина од Градот Скопје ќе постапат согласно нивните овластувања, преку издавање на налог за чистење на локацијата и враќање во првобитна состојба“, велат од Град Скопје.

    Од Градот велат дека лицата кои ги имаат прекршено законите ќе бидат санкционирани согласно законите, а сите нелегални попречувања или објекти кои се на трасата на мегапроектот за изградба на клучките и кружните крстосници кај Момин поток ќе бидат отстранети. Оттаму додаваат дека на овој потег има околу 30-тина објекти кои мора да урнат за да се изгради клучката, а дел од нив се и дивоградби.

    САКАМДАКАЖАМ.МК вчера објави дека во близина на крстосницата кај Момин поток се гради дивоградба, а Општина Карпош иако знае не може да ја урне бидејќи не ги пуштаат инспекторите  да влезат во градилиштето. Објектот се гради на државно земјиште, а од Општината немаат издадено градежна дозвола и со тоа сопственикот не смее да гради.

    Како што раскажуваат жителите од овој дел од градот, до пред неколку месеци на овој простор имало само плац за стари коли  и автоделови, но постепено просторот почнал да се оградува и почнале градежни работи. Што се гради на парцелата и колкав објект не може да се види однадвор бидејќи просторот е заграден со гуми и делови од коли.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира