ДИВОГРАДБА СЕ ГРАДИ КАЈ МОМИН ПОТОК, ОПШТИНА КАРПОШ НЕ МОЖЕ ДА ЈА УРНЕ ОТИ НЕ ГИ ПУШТААТ ДА ВЛЕЗАТ НА ГРАДИЛИШТЕТО

    ДИВОГРАДБА СЕ ГРАДИ КАЈ МОМИН ПОТОК, ОПШТИНА КАРПОШ НЕ МОЖЕ ДА ЈА УРНЕ ОТИ НЕ ГИ ПУШТААТ ДА ВЛЕЗАТ НА ГРАДИЛИШТЕТОШто се гради на парцелата и колкав е објектот не може да се види однадвор бидејќи просторот е заграден со гуми и делови од коли. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Во близина на крстосницата кај Момин поток се гради дивоградба, а Општина Карпош иако знае не може да ја урне бидејќи не ги пуштаат да влезат во градилиштето. Објектот се гради на државно земјиште и како што велат од Општината за САКАМДАКАЖАМ.МК, немаат издадено градежна дозвола и со тоа сопственикот не смее да гради.

    Како што раскажуваат жителите од овој дел од градот, до пред неколку месеци на овој простор имало само плац за стари коли  и авто делови, но постепено просторот почнал да се оградува и почнале градежни работи. Што се гради на парцелата и колкав објект не може да се види однадвор бидејќи просторот е заграден со гуми и делови од коли. Станува збор за локација на трасата на клучката Момин поток и дивоградбата се гради на само неколку метри од местото каде минатата недела градоначалниците Петре Шилегов и Стефан Богоев, заедно со премиерот Зоран Заев и вицепремиерот за борба против корупција Љупчо Николовски одржаа прес-конференција за почетокот на градежните работи.

    Од Општина Карпош велат дека чекаат интервенција на полиција за да можат да уриваат.

    „Општина Карпош е запознаена со случајот. Во неколку наврати преку Секторот за инспекторат бевме на теренски увид на посочената локација и направивме обид за рушење. Станува збор за активности кои се одвиваат на државно земјиште и за истите не е издадена градежна дозвола од локалната самоуправа. Затоа што нашиот градежен инспектор беше спречен да влезе и да направи целосен увид на градилиштето, побарана е полициска асистенција од Министерството за внатрешни работи. Штом полициската асистенција ќе биде обезбедена, ќе продолжиме со постапката за отстранување на нелегалната градба“, велат од Општина Карпош.

    А. АНТЕВСКА

     

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира