Попова Шапка после долги години чекање наскоро треба да добие нов Детален урбанистички план (ДУП). Градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами вели дека Генералниот и Деталниот урбанистички план се во завршна фаза и очекува тие да се усвојат до крајот на оваа година.
„Плановите се пуштени до Министерството за транспорт. Од таму имаат некои забелешки кои ќе бидат исправени и се надевам дека брзо ќе го имаме завршниот предлог. Ако нема некои пречки, се надевам дека до крајот на оваа година ќе имаме можност да ги усвоиме во Советот на Општина Тетово, и од следната пролет да се почне со негова реализација. Со овој ГУП и ДУП ќе се овозможи реализација на нови инвестиции во делот на градење нови хотели, нови викенд куќи и конечно на Попова Шапка ќе се стави крај на урбанистичкиот хаос кој го наследивме“, изјави градоначалникот Касами.
Касами вели дека со овој ГУП ќе се реши долгогодишниот проблем со многуте дивоградби на Попова Шапка.
„Во делот на дивоградбите ние интензивно работиме да ги решиме. Таму каде што има можност ќе се легализираат. Таму каде што нема можност да се легализираат, ќе донесеме соодветна одлука во делот на ставање ред на градењето во овој туристички центар“, вели Касами.
Денеска на Попова Шапка градоначалникот Касами го означи почетокот на реконструкцијата на патот која води низ викенд населбата. Овој пат со децении не беше поправан и е во многу лоша состојба.
З.АНДОНОВ