Општина Ѓорче Петров ќе добие ново улично осветлување со лед светилки. Од денес па во наредните 6 месеци низ целата територија на општината ќе се менуваат старите светилки и ќе се поставуваа нови, кои ќе ја заштедат потрошувачката на електрична енергија за 60 отсто.
Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров Александар Наумоски и директорот на турската компанија АД „Џемдаг осветлување-производство и трговија“ Ибрахим Суха Џем денеска потпишаа договор за јавно-приватно партнерство за модернизација на системот за јавно осветлување.
„Западната порта на Скопје за шест месеци ќе блеска во нов сјај. Без задолжувања и кредити, Општина Ѓорче Петров воведува нов автоматизиран систем на јавно осветлување со најсовремена опрема и лед светилки кои се управуваат и мониторираат преку системот за контрола и надзор. Застарените системи, недоволната покриеност со столбови и старите светилки претставуваат голем проблем. Големиот број на поплаки ќе го елиминираме воведувајќи ЛЕД-технологија на улично осветлување“, рече градоначалникот Александар Наумоски.
Во следните шест месеци, фирмата „Џемдаг“ комплетно ќе ги промени старите 2.887 светилки со нови. Менувањето ќе стартува од населбата Дексион, кон урбаните заедници Мирче Ацев, Ѓорче Петров, Хром, потоа се преминува преку мостот кон населбата Даме Груев, и кон Ново Село, Стопански Двор, Кисела Јабука, Волково со што на почетокот на следната година, осветлувањето ќе се финализира во Орман, Никиштани и Кучково.
Според договорот, компанија „Џемдаг“ во наредните 12 години ќе обезбеди дополнителни 983 светилки и ќе ги постави на нови линии каде претходно немало осветлување, а локациите ќе се одредат во консултација со граѓаните.
„Паметното осветлување ќе биде поекономично и ќе има можност за програмирање, односно светилките ќе се прилагодуваат кон условите, и во различен период од ноќта ќе имаат различен интензитет на светлина. Секоја светилка ќе има своја шифра, а преку воспоставениот кол-центар граѓаните ќе можат во секое време да пријават проблем, при што фирмата ‚Џемдаг‘ за 48 часа ќе го отстрани дефектот“, вели Наумоски.
Договорот со турската компанија е во траење од 12 години и изнесува околу 2,7 милиони евра, односно месечно Општината ќе издвојува околу 19.000 евра.
Во земјава досега со ваков договор со турската компанија беше извршена промена на светилките во Ресен.
А. АНТЕВСКА