ЦЕНТАРОТ НА ВЕЛЕС ЌЕ БИДЕ ЗАТВОРЕН ЗА СООБРАЌАЈ САМО НАВЕЧЕР ВО ЛЕТО ОТКАКО Е ДОБИЕНА СОГЛАСНОСТ ОД ЕУ

    ЦЕНТАРОТ НА ВЕЛЕС ЌЕ БИДЕ ЗАТВОРЕН ЗА СООБРАЌАЈ САМО НАВЕЧЕР ВО ЛЕТО ОТКАКО Е ДОБИЕНА СОГЛАСНОСТ ОД ЕУУлицата 8 Септември ќе биде затворена од 17 до 22 или 24 часот во лето, кога децата се на распуст (Фото: СДК.МК)

    Канцеларијата на Европската Унија во Скопје дала согласност за промена на планот за уредување на централното градско подрачје во Велес, со првично предвидената пешачка зона. Со промените кои локалната власт ги побара и ги доби се предвидува пешачка зона да има само во попладневните и вечерните часови преку лето.

    „Не треба улицата 8 Септември да се затвора преку цел ден, цела година, туку за почеток од 17 до 22 или 24 часот во лето, кога децата се на распуст. Обезбедени се средства за проширените тротоари, кои не беа третирани со овој проект. Ќе има нови тротоари на улицата од Сармаале до Споменикот на коњаникот. Можеби веќе следната седмица ќе склучиме договор со фирма. Ќе има проширување на едниот кружен тек кај Сармаале за да се забрза протокот на автомобили. Ќе нема паркирање автомобили на оваа релација, ниту од лево, ниту од десно. Ќе има пешачка зона, велосипедска патека и една лента за одвивање на сообраќајот. Во прашање се денови кога ќе почнат градежните работи. Проектот е добиен за да имаме безбедна зона за пешаци и велосипедисти, не за атмосферска мрежа и нова улица. Сета работа треба да заврши за два-три месеци. Граѓаните можеби ме напаѓаат за тоа што состојбата со центарот на градот подолг период е ваква, небезбедна, има граѓани кои се повредени од разрушените тротоари. Затоа јас јавно им се извинувам, не зависат сите работи од мене“, кажа градоначалникот Колев.

    Градежните работи беа сопрени во ноември откако се увиде дека новото сообраќајно решение создаде колони возила низ центарот на градот, по што се побара корекција на проектот, кој е финансиран од ЕУ со 780.000 евра.

    Градежната фирма која ќе го работи уредувањето на централното градско подрачје се избра дури од третиот обид откако првите два беа неуспешни, немаше пријавени, па проектот две години не можеше да се реализира.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира