СТОПИРАН ПРОЕКТОТ ЗА ЦЕНТАРОТ НА ВЕЛЕС ДА БИДЕ ПЕШАЧКА ЗОНА, ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КОЛЕВ БАРА ТОА ДА ВАЖИ САМО ВО ЛЕТО

    СТОПИРАН ПРОЕКТОТ ЗА ЦЕНТАРОТ НА ВЕЛЕС ДА БИДЕ ПЕШАЧКА ЗОНА, ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КОЛЕВ БАРА ТОА ДА ВАЖИ САМО ВО ЛЕТОГрадоначалникот Марко Колев смета дека улицата треба да биде затворена за возила само по два-три саати на лето. (Фото: СДК.МК)

    Стопиран е проектот за реконструкција во пешачка зона на улицата 8 Септември во центарот на Велес. Проектот, кој е финансиран од европски фондови, предвидува улицата до плоштадот Сармаале кај споменикот на Коњаникот да биде затворена за возила во текот на цел ден.  Единствено во одредени делови на денот низ неа да минуваат само автобусите на големите компании кои превезуваат работници.

    Велес е единствен поголем град во Македонија кој нема пешачка зона во центарот.

    Градоначалникот на Велес Марко Колев објаснува дека проектот е стопиран, бидејќи Општината бара измена односно улицата да биде пешачка зона само во лето.

    „Кога дојдов на оваа позиција кажав дека ќе ги продолжам сите проекти кои ги наследив. Ова сообраќајно решение е подготвено многу порано пред јас да дојдам. Се обидуваме со сообраќајните инженери да докажеме на финансиерот дека делумно тоа што е пишано во апликација е можно, делумно не. Се трудиме да објасниме дека ни е потребна пешачка зона, но во период кога народот е раздвижен, а тоа е во топлите месеци. Нашиот концепт  не е да се затвори целосно улицата 8 Септември, туку во летните месеци кога децата се на распуст. И тоа во одреден дел од денот, тоа е попладне, како што беше порано корзото. Тие два, три, четири часа, улицата 8 Септември да биде затворена, а улиците Гоце Делчев и Страшо Пинџур да бидат двонасочни“, вели Колев.

    Градоначалникот вели дека постои опасност ако не се реализира проектот да се вратат 700-800 илјади евра  кои се обезбедени од фондовите на ЕУ.

    Според проектот, предвидено е намалување на кружниот тек кај споменикот Коњаник, изградба на друг на Сармаале, што е реализирано. Потоа, улицата Архиепископ Михаил да биде еднонасочна што исто така се случи, а улицата 8 Септември да биде пешачка зона, освен за автобусите, во период кога ги превезуваат работниците на работа. Исто така, завршено е поставувањето на одводна мрежа за атмосферската вода од центарот на градот, од Сармаале до мостот Гемиџии. Предвидено е улиците Гоце Делчев и Страшо Пинџур да бидат двонасочни.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира