ДОДЕКА ПАРТИИТЕ СЕ КАРААТ ЗА ПРИФАТИЛИШТЕТО ВО БИТОЛА, ЖИТЕЛИТЕ САМИ ЗГРИЖИЈА ДЕЛ ОД БЕЗДОМНИТЕ КУЧИЊА ВО ИМПРОВИЗИРАНИ ФАРМИ

    ДОДЕКА ПАРТИИТЕ СЕ КАРААТ ЗА ПРИФАТИЛИШТЕТО ВО БИТОЛА, ЖИТЕЛИТЕ САМИ ЗГРИЖИЈА ДЕЛ ОД БЕЗДОМНИТЕ КУЧИЊА ВО ИМПРОВИЗИРАНИ ФАРМИУличните кучиња во неделата во Битола нападнаа и искасаа две деца, а со каснатици има и други повозрасни граѓани. (Фото: СДК.МК)

    Да се стави повторно во функција шинтерската служба при Јавното претпријатие „Комуналец“ во Битола, како преодно решение за справување со бездомните кучиња сè до ставањето во функција на прифатилиштето, да се зголемат средства за заловување од 400.000 на милион денари, бараа советниците на днешената седница на битолскиот Совет.  Парите за заловување се за да се надмине аларматната состојба со уличните кучиња во Битола, кои во неделата нападнаа и искасаа две деца, а со каснатици има и други повозрасни граѓани.

    Претседателката на Советот Габриела Илиевска, од независната граѓанска иницијатива Поинаку, изјави дека како советници ги имаат донесено сите одлуки и издвоени се средства за изградба на прифатилиштето, но тоа никако да се изгради.

    „Советот донесе одлука за проектот, се обезбедија средства, се одреди локација. Се доби дозвола за градба и во буџетот се влезени средства за комплетна изградба. Токму поради тоа ние престанаваме да го поддржуваме градоначалникот, бидејќи апсолутно ништо не се случуваше на местото каде треба да биде изградбата. На седницата на Советот на 7 март, лично Коњановски кажа дека во рок од две недели ќе бидат распишани две постапки за изградба и адаптација на зградата и за надворешниот дел. Од овој момент нема информација до каде се постапките, буквално се допишуваме“, рече Илиевска, која денес побара да се зголемат средствата за заловување кучиња.

    Заменик-градоначалникот и координатор на советничкиата група на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Бојкоски, рече дека прифатилиштето ќе биде изградено во следните десет дена и ќе биде второ по големина по она во Скопје.

    „Проблемот бара заедничка координирана акција не само на локалната самоуправа, туку и на Агенцијата за храна и ветеринарство и полицијата. Општината пристапи кон изградба на прифатилиште на бездомни животни. Ќе биде изградено во следните 10 дена и во процедура се сите оние правилници кои треба да бидат донесени за да почне со работа. И се надеваме дека прифатилиштето во надворешниот дел ќе биде со доволен капацитет за да се реши проблемот со сите бездомни животни во градот“, рече Бојкоски.

    Додека партиите се препукуваат, група граѓани се обидоа сами да го решат проблемот и дел од кучињата ги собраа и однесоа во импровизирани прифатилишта каде ги хранат. Од полицијата велат дека нема законска забрана некој да собере кучиња и да ги чува, но да се заградени и да е безбедно.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира