ДОЈРАН НАПРАВИ ПЛАЖА НА МЕСТОТО НА УНИШТЕНАТА КРАЈБРЕЖНА ПАТЕКА КАЈ МРДАЈА

    ДОЈРАН НАПРАВИ ПЛАЖА НА МЕСТОТО НА УНИШТЕНАТА КРАЈБРЕЖНА ПАТЕКА КАЈ МРДАЈАПатеката е дислоцирана за да може езерото природно да дише и и да се чисти (Фото: СДК.МК)

    Општинските власти на Дојран ја отстранија пешачко-велосипедската патека со канделабри, изградена пред седум години и уредија простор за плажа долга 300 метри. Станува збор за потегот кон Мрдаја, каде што патеката беше целосно уништена од надојдените езерски води и лошата изведба, а добар дел беше под вода и нефункционална. Токму на овој простор, Општината преку Центарот за развој на Југоисточниот плански регион изгради нова плажа со автохтон песок, која се протега од Елем до „Фуктак“ и е широка околу 20 метри.

    „Центарот за развој на Југоисточниот плански регион обезбеди средства за отворање нова плажа. Станува збор за простор од околу 300 метри. Патеката е дислоцирана на овој потег за да може езерото природно да дише и чисти, што, впрочем, го бараа сите дојранчани и добри познавачи на езерото. Сега има патека која ја заобиколува новата плажа. Во наредниот период планираме и на потегот кон Стара Мрдаја да ја дислоцираме постоечката патека, која исто така е во очајна состојба, за да може да отвориме простор за нови плажи, а пешачко-велосипедска патека да изградиме покрај патот до Мрдаја или полициските кампови”, ни изјави градоначалникот на Дојран Анго Ангов.

    Дислокација на оштетената патека и изградба на нова плажа беа дел од проектот „Хортикултурно и партерно уредување на дел од езерското крајбрежје со формирање езерска плажа“, во висина од три милиони и 850 илјади денари, кои Центарот за развој на Југоистокот ги обезбеди од Бирото за регионален рамномерен развој, а со свои средства во проектот учествуваше и Општина Дојран.

    Околу 60 отсто од печашко-велосипедската патека до езерото, изградена во периодот од 2010 до 2012 година, се уништени и демолирани од надојдената вода. Станува збор за патека од околу 2,5 километри, за што државата тогаш потроши околу 800.000 евра.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира